Во дворот на Кинотеката на Македонија, минатата недела се одржа вториот дел од настанот наречен „Грин спејсис, клин плејсис”, во соработка со чешката Амбасада во Скопје.
Од Здружението „Биди зелен“ информираат дека настанот бил одбележан со чистење на дворот на Кинотеката на Македонија и со садење дрвја и цвеќиња.
– Во оваа акција учествуваа голем број ученици од неколку средни училишта, како што се гимназиите: „Никола Карев“, „Георги Димитров“, „Јосип Броз-Тито”, „Орце Николов“ и американската гимназија „Нова“, како и најмладите од центарот „Монтесори“, кои со голем ентузијазам и со искрена енергија придонесоа кон уредување и разубавување на просторот, оставајќи зад себе поубава и позелена средина – соопштија од „Биди зелен“.
Оттаму додаваат дека активноста поминала во одлична атмосфера, со насмевки, тимска работа и со позитивен дух, а реакциите и одѕивот биле исклучително охрабрувачки.
– Со ваквите иницијативи, ја поттикнуваме свеста кај младите за важноста на чистата и поодржлива животна средина и ги охрабруваме да бидат активни учесници во создавањето подобра иднина за сите нас – заклучија од „Биди зелен“.












