Германскиот тенисер Александар Зверев сигурно чекори кон финале на Ролан Гарос, а по убедливата победа од 3-0 во сетови против Шпанецот Рафаел Ходар, порача дека најважно за него е да ја пронајде сопствената игра.

Иако во првиот сет губеше со 5:2, Зверев успеа да се врати, да го добие тај-брејкот и потоа целосно да ја преземе контролата врз мечот.

  • На почетокот тој многу подобро го пронајде ритамот од мене. Условите беа поинакви и ми требаше време да се прилагодам, но кога влегов во ритам, се чувствував одлично на теренот, изјави Германецот.

Зверев исто така ги пофали младите тенисери, истакнувајќи дека новата генерација носи огромен потенцијал, но нагласи дека искуството му помага да остане смирен во најважните моменти.

Осврнувајќи се на својата игра, тој објасни дека во текот на годините научил дека не е потребно секој удар да биде максимално силен.

  • Кога имате природна моќ, тогаш другите елементи од играта стануваат уште поопасни. Дроп-шотот и промената на ритамот се многу поефикасни кога противникот веќе ве респектира поради силните удари, истакна Зверев.

Тој како пример го наведе Роже Федерер, кого го опиша како мајстор во менувањето на ритамот и еден од најтешките противници за читање.

На крајот, Германецот уште еднаш испрати јасна порака пред следниот предизвик.

  • Ако играм добро и верувам во себе, тогаш 99 проценти од работата е завршена. Тоа е единственото нешто на кое сум фокусиран во моментов, заклучи Зверев.

ИЗДВОЕНИ