Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека се работи на изнаоѓање соодветно одржливо решение за надминување на проблемот, во координација и соработка со сите надлежни институции, вклучително и локалната самоуправа. Според нив, проблем е непристапниот терен, но и опструкциите од поранешните сопственици на кравите
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) досега заловила 96 говеда во Крива Паланка. Се работи на изнаоѓање соодветно одржливо решение за надминување на проблемот, во координација и соработка со сите надлежни институции, вклучително и локалната самоуправа.
Проблем е непристапниот терен, но и опструкциите од поранешните сопственици на кравите.
– Се спроведуваат активности за решавање на проблемот со говедата, односно нивно заловување и покрај предизвиците со кои се соочува: непристапниот терен и опструкциите од поранешните сопственици. Се работи на изнаоѓање соодветно одржливо решение за надминување на овој проблем, во координација и соработката со сите надлежни институции, вклучително и со локалната самоуправа, со цел заедничко преземање соодветни активности и изнаоѓање решение во рамки на законските надлежности на секоја институција, водејќи сметка за заштитата на здравјето на луѓето и за благосостојбата на животните – истакнуваат од АХВ.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, побара од Владата и од АХВ да најдат законска можност за решавање на проблемот со добитокот. Посочи дека граѓаните предолго трпат материјални штети, а правосилните и извршни решенија за одземање на животните, кои постојат повеќе од две години, сè уште не се целосно спроведени. Митовски во средата, заедно со сограѓаните, поднесе неколку кривични пријави поради, како што наведе, сомневања за злоупотреба на службената положба, неспроведување на правосилните и извршни решенија за одземање на добитокот и загрозување на безбедноста и на здравјето на граѓаните.
– Бараме да се испита одговорноста на надлежните службени лица во Агенцијата за храна и ветеринарство и Агенцијата за управување со одземен имот. Поднесовме и претставка до Државната комисија за спречување корупција, како и барање за вонреден инспекциски надзор до Државниот управен инспекторат, поради неспроведување на решенијата – наведе Митовски.
Поради овие причини, Општина Крива Паланка за в сабота во 11:00 часот, кај мотелот „Македонија“, повикува на мирен граѓански протест, посветен на барањата за институционално постапување и трајно решавање на проблемот со неконтролираното движење на добитокот. Протестот ќе се одржи со пораката „За безбедност, за заштита на имотот и за спроведување на законот“, со цел јавно да се укаже на последиците за безбедноста на граѓаните и за нивните имоти, како и на потребата од навремено и координирано постапување на надлежните институции.












