Меѓународниот аеродром „Скопје“, со кој управува „ТАВ Македонија“, воведе нова опрема за безбедносна проверка, во вредност од еден милион евра. Станува збор за инсталација на два уреди за напредна проверка на рачниот багаж со компјутерска томографија, како и за две нови автоматизирани транспортни ленти.

Од компанијата информираат дека новата технологија значително ќе ги унапреди безбедносните стандарди, ќе ја зголеми ефикасноста на контролата и ќе овозможи побрз проток на патници, во согласност со европските и со меѓународните прописи.

Генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Неџат Курт, истакна дека со оваа инвестиција аеродромот Скопје се приближува до големите европски воздушни центри како Франкфурт, Хитриу и Цирих. Тој појасни дека новиот систем носи поголема прецизност при откривањето потенцијални закани, намалувањето на потребата од дополнителна рачна проверка и значителното подобрување на протокот на патници.

– Истите уреди се користат и на водечките аеродроми во САД, Израел и во Индија, што ја потврдува нивната сигурност и глобално прифаќање – истакна Курт.

Системот нуди подобро искуство за патниците, затоа што, како што истакна Курт, безбедносната контрола ќе биде побрза, времето на чекање ќе биде пократко, а удобноста ќе биде поголема.

– Особено значајно е што патниците повеќе нема да мора да вадат лаптопи, таблети, мобилни телефони и течности од рачниот багаж. Овие предмети можат да останат во торбата во текот на процесот на проверка, што ќе ја забрза целата постапка и ќе ја зголеми удобноста при патувањето – потенцира Курт.

Според Курт, новата технологија им овозможува на аеродромските работници да обработат до двојно повеќе патници на час по линија, што е клучно за справување со зголемениот сообраќај, особено во шпицот на сезоната.

Според менаџментот, оваа инвестиција е дел од поширок инвестициски циклус за унапредување на безбедносните системи на Меѓународниот аеродром „Скопје“.

– Минатата година имплементиравме два дополнителни големи проекти во вкупна вредност од 1.930.000 евра, кои дополнително го зајакнуваат нашиот безбедносен систем. Првиот е целосно нов систем за видеонадзор, кој значително ја зајакнува нашата способност за спречување, откривање и брзо реагирање на безбедносни инциденти, со цел максимална заштита на патниците, вработените и на инфраструктурата. Вториот е современ систем за обука, тестирање и сертификација на безбедносниот персонал, кој обезбедува континуиран професионален развој преку реални симулации и современи методи на евалуација, целосно усогласени со највисоките меѓународни стандарди – рече генералниот директор на „ТАВ Македонија“.

Со овие вложувања, „ТАВ Македонија“ ја потврдува својата стратешка определба за модерен, безбеден и конкурентен аеродром што ги исполнува и надминува европските стандарди, со цел подобрување на услугите и зајакнување на позицијата на скопскиот аеродром како регионален воздухопловен центар.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ