понеделник, ноември 23, 2026
Дома КОЛУМНИ КОЛУМНА, ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ: Силата на кукавиците и некадарниот систем

КОЛУМНА, ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ: Силата на кукавиците и некадарниот систем

1

Живееме во општество кое со лажна гордост се чука в гради дека е традиционално, семејно и богобојазливо, а, во суштината, нашето општество е арена во која простаци, неписмени и невоспитани ги лечат своите фрустрации по социјалните мрежи, а кукавиците покажуваат сила исклучиво врз послабите. Секојдневно нè бомбардираат црни хроники во кои жената е претепана до непрепознатливост, девојка запалена во автомобил, детето е жртва на монструозно занемарување или малтретирање, а училишните дворови и социјалните мрежи станаа дигитални и физички гулази во кои булингот е нов облик на социјализација. И секојпат, без исклучок, по секоја трагедија, се крева истата лицемерна прашина од празни фрази, лажни солзи по социјалните мрежи и уште полажни ветувања од институциите дека „системот ќе реагира“. А тој наш гломазен, партизиран и анемичен систем реагира само кога треба да се слика за прес-конференција или да се изрече некоја мизерна условна осуда што на насилникот му доаѓа како тапкање по рамо и дозвола за следен удар.

Кога мажот ќе крене рака врз жена, кај нас сè уште првото прашање на маалскиот и институционалниот суд не е зошто монструмот удрил, туку со што го испровоцирала таа. Тоа е таа перверзна логика на „четири ѕида“ во која приватната сопственост се поистоветува со сопственост врз туѓиот живот и врз достоинството. На хартија сме шампиони во ратификување конвенции, ги препишавме сите европски директиви, напишавме закони што звучат како поезија за човековите права, но во судниците и во центрите за социјална работа владее еден длабок, провинциски примитивизам. Таму жртвата повторно се силува со бирократски прашања, со бавни постапки, со формалистичко толкување на доказите, додека насилникот се шета слободно, охрабрен од казнената политика која третира кршење коски и уништување животи како обичен прекршок за нарушен јавен ред и мир. Кога државата ќе одмери смешна казна за семејно насилство, таа не му простува на сторителот, туку станува негов директен соучесник.

Уште пострашно е што таа токсична култура на неказнивост и обожување на насилникот директно се прелева врз децата. Децата не учат од морализаторските тиради што им ги држиме за време на неделниот ручек; тие учат гледајќи што поминува неказнето во државата и дома. Кога детето гледа дека силеџија во маалото вози најскап автомобил, дека насилникот и хохштаплерот во политиката се најпочитувани, а дека дома својата фрустрација од сопствената неспособност таткото ја лекува со тупаници врз мајката, што очекуваме тоа дете да прави на училиште или понатаму во животот? Се разбира дека ќе го примени истиот модел на преживување и доминација. Булингот во училиштата не е никаков увезен западен феномен ниту тинејџерски хир туку огледало на нашата колективна беда и институционална слепост. Училиштата ни се претворија во установи за криење на проблемите под килим, директорите и психолозите повеќе се грижат да не им пукне резилот во јавност отколку да го заштитат детето кое секојдневно трпи тортура, потсмев и физичко малтретирање.

А во тој институционален театар на лицемерството и на апсурдот, посебно место заземаат центрите за социјална работа, бирократски тврдини на рамнодушноста кои наместо да бидат првата линија на одбрана и спас за жртвите, се претворија во обични писарници за евидентирање на веќе случени трагедии. Пополнети со партиски послушници без елементарна емпатија и стручност, овие центри функционираат со брзина на полжав, губејќи се во бескрајни записници, формални состаноци и префрлање на надлежностите, додека насилникот слободно си го довршува крвавиот поход. За нив жртвата не е човек во смртна опасност, туку уште еден досаден предмет во фиока што треба да се затвори со флоскулата „се преземаат мерки во рамки на законските овластувања“, сè додека не стигне веста од црната хроника, кога веќе е доцна и за нивните лажни процени на ризик и за нивната задоцнета грижа.

И така се вртиме во маѓепсан круг на насилство кое станува сè побрутално, поочигледно и нормално. Се згрозуваме од веста два дена, бараме крв и линч по коментарите на „Фејсбук“, а веќе на третиот ден го вртиме погледот на другата страна кога ќе слушнеме вресоци од соседниот стан или кога ќе видиме како група врсници малтретираат некое дете пред зграда. Се навикнавме да бидеме неми набљудувачи на туѓата болка, убедени дека ѓаволот нема да затропа на нашата врата. Но, општество кое не знае да ги заштити жените и децата, општество кое го толерира насилството како нормален начин на комуникација и воспитување, одамна го изгубило правото да се нарекува цивилизирано. На крајот, сите ќе ја платиме цената на овој кукавичлук, затоа што чудовиштата што денес ги создаваме со нашето молчење и со институционалната неспособност, утре нема да избираат жртви.

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)

ИЗДВОЕНИ