Убедливиот пораз на Хјустон од Мајами (128:110) предизвика интересна дебата во НБА-лигата, откако познатиот аналитичар Бил Симонс предложи размена која би го потресла кошаркарскиот свет. Неговата идеја е Алперен Шенгун да замине во Денвер Нагетс, а во спротивна насока да пристигне српската суперѕвезда Никола Јокиќ.
Иако Шенгун ја игра најдобрата сезона во кариерата со просек од 22,8 поени, 9,3 скока и 7,2 асистенции, Симонс смета дека Хјустон треба да размислува за ваков потег доколку сака сериозно да се бори за шампионската титула.
- Мајами добро ги скаутираше. Едноставно, беа физички надиграни. Изгледаа премногу ситни и мора да се прашаат дали ги имаат вистинските играчи на вистинските позиции, објасни аналитичарот во својот поткаст.
Според него, „ракетите“ имаат доволно ресурси за да испратат сериозна понуда до Денвер. Во потенцијалната размена би можеле да бидат вклучени Шенгун, Рид Шепард, Џабари Смит Џуниор, Тари Исон, Клинт Капела, како и повеќе пикови од првата рунда на НБА-драфтот.
Симонс верува дека пристигнувањето на Јокиќ би го претворило Хјустон во еден од најсериозните кандидати за титулата. Српскиот центар би донел огромен квалитет во нападот, иако останува прашањето колку ваквата размена би влијаела врз одбранбената стабилност на тимот.
Од друга страна, ситуацијата во Денвер не е идеална. Нагетси има променливи резултати, а Јокиќ сè уште нема потпишано продолжување на договорот, иако повеќепати нагласил дека сака да остане во клубот. Неговиот статус дополнително ги поттикнува шпекулациите за интересот на останатите НБА-екипи.
Се разбира, засега станува збор само за предлог на познат аналитичар, а не за конкретни преговори меѓу клубовите. Сепак, самата можност трикратниот МВП да го напушти Денвер и да се пресели во Хјустон е сценарио кое би предизвикало вистински земјотрес во НБА-лигата.











