понеделник, ноември 9, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Одбиено онлајн вклучувањето на Ива Михаилова на судењето, обвинителот бара објави од...

Одбиено онлајн вклучувањето на Ива Михаилова на судењето, обвинителот бара објави од социјалните мрежи

0

Судот го одби барањето на Ива Михаилова да учествува преку видеоконференција како неосновано, на продолжението од рочиштето во Кочани, во постапката што се води против неа за сообраќајната несреќа во која загина едно лице, а неколкумина беа повредени, објави БНТ.

На рочиштето не се појави ниту нејзиниот адвокат од Бугарија, Николај Димитров, кој тврдеше дека заедно со Михаилова без проблем ја поминале македонско-бугарската граница. Таа, во изјава за Бугарската национална телевизија, побара да се вклучи на судењето од далечина, но Судот не го прифати барањето. Обвинителот Игорчо Крстов се спротивстави на барањето на Михајлова за учество преку видеоконференција. Тој посочи дека Обвинителството ја бара Михаилова и дека таа може лично да се појави во судницата, како што го направила тоа и на претходното рочиште.

Според обвинителот, неоспорно е дека Михаилова не ги почитувала мерките за обезбедување присуство и дека намерно ја напуштила земјата, со што одлучила постапката да продолжи без нејзино присуство.

Обвинителот побара да се прибави целокупната медицинска документација за здравствената состојба на Михаилова, како и нејзините изјави и објави на социјалните мрежи. Побарана е и дополнителна медицинска експертиза со која треба да се утврди нејзината здравствена состојба.

Во врска со сообраќајната несреќа, според вештачењето, по нарачка на одбраната на Михаилова, возилото што се движело од Штип кон Кочани навлегло околу 50 сантиметри во лентата по која се движела Михаилова. Сообраќајниот вештак Винко Гаица кажал во судницата дека несреќата настанала поради навлегување на автомобил „рено“ во лентата по која се движел автомобилот „фолксваген“, управуван од Ива Михаилова. Анализата на доказите и оставените траги, според вештакот, покажуваат дека автомобилите се судриле во лентата по која се движел автомобилот на Ива, токму на местото каде што има траги од искршено стакло. Овие траги не биле внесени во скицата приложена кон записникот, туку биле само фотографирани. Не било земено предвид ниту растојанието меѓу двата автомобили откако запреле, кажал вештакот Гаица ангажиран од одбраната.

Судот на рочиштето соопшти дека е издадена наредба за 30-дневен притвор за Михаилова откако таа избега од земјава. Додека Михаилова се бара со меѓународна потерница, таа од Бугарија најави дека можеби ќе замине на лекување во Израел.  (П. А.)

 

ИЗДВОЕНИ