Европа преминува од масовен туризам кон одржлив развој, при што успехот сè помалку ќе се мери според бројот на туристи и ноќевања, а сè повеќе според економската, социјалната и еколошката вредност што ја создава туризмот.
На 4 ноември 2026 година, Европската комисија ја претстави првата сеопфатна Стратегија на ЕУ за одржлив туризам. Таа поставува нова развојна насока заснована на конкурентност, рамномерна регионална распределба, поголема додадена вредност, отпорност на кризи и зелена и дигитална транзиција.
Туризмот создава околу 10 проценти од бруто додадената вредност на ЕУ, поддржува повеќе од 20 милиони работни места и опфаќа околу пет милиони претпријатија. Сепак, секторот се соочува со сериозни предизвици: недостиг од квалификувана работна сила, климатски промени, сезонска концентрација и притисок врз природните ресурси и локалните заедници.
Еден од клучните проблеми е нерамномерната распределба на туристичките текови. Само 13 проценти од европските региони остваруваат половина од туристичките ноќевања. Затоа ЕУ се насочува кон подобро управување со дестинациите, развој на туристички податоци и користење дигитални технологии и вештачка интелигенција при планирањето.
Додека Европа го менува пристапот, Македонија сè уште најчесто го мери туристичкиот успех преку бројот на посетители, ноќевањата, новите авионски линии и сместувачките капацитети. Но, овие показатели не откриваат колкава економска корист имаат локалните заедници, колкав дел од потрошувачката останува во домашната економија и какви последици остава туризмот врз природата и инфраструктурата.
Туризмот не е изолиран сектор. Неговите придобивки треба да се прелеваат во земјоделството, транспортот, трговијата, културата и локалното производство. Ако овие дејности не се поврзани, зголемениот туристички промет не мора да значи и поголем национален економски развој.
Охрид и Охридскиот Регион најдобро ја покажуваат потребата од поинаков модел. Нивната природна и културна вредност претставува огромен потенцијал, но урбанизацијата, сезонската концентрација и инфраструктурните ограничувања бараат посериозно и координирано управување. Иднината на Охрид не треба да се темели само на повеќе туристи во летните месеци, туку на подолга сезона, туристички производи со повисока вредност и зачувување на природното и културното наследство.
Истото важи и за националните паркови, руралните подрачја, винските региони и планинските центри. Македонија има потенцијал за диверзификација на туристичката понуда, но за негово искористување се потребни инвестиции, инфраструктура, квалификувани кадри и професионално управување.
Затоа на земјата ѝ е потребна национална стратегија за одржлив туризам до 2035 година, со конкретни цели и мерливи показатели за економскиот придонес, домашната додадена вредност, квалитетот на работните места, регионалната распределба и влијанието врз животната средина.
Неопходно е и воспоставување национална туристичка опсерваторија што ќе ги поврзе статистичките институции, универзитетите, локалните самоуправи и приватниот сектор. Само со редовни и интегрирани податоци може да се носат квалитетни развојни одлуки.
За Северна Македонија, како земја кандидат за членство во ЕУ, европската стратегија претставува можност за усогласување со новите политики и подготовка на квалитетни проекти за европските финансиски инструменти. Но, тоа бара посилен институционален капацитет, координација и долгорочна политичка посветеност.
Крајната цел треба да биде туризмот да стане двигател на регионалниот развој, економската диверзификација и подобриот квалитет на живот на локалното население.
Европа веќе испраќа јасна порака: туристичката конкурентност нема да се гради само со повеќе посетители и сместувачки капацитети, туку со квалитет, знаење, иновации и вредност што останува во дестинацијата.
Затоа, прашањето за Македонија не треба да биде само колку туристи ќе ја посетат следната година, туку колкава економска вредност ќе создадат, колку домашни компании ќе зајакнат и колку квалитетни работни места ќе се отворат.
Туристичкиот успех не се мери само со бројот на оние што доаѓаат, туку и со вредноста што ја оставаат зад себе. Туризмот што ја троши сопствената дестинација не создава развој – тој само ја одложува сметката што еден ден ќе ја платат сите.
доц. д-р Љупчо Јаневски
(Авторот е универзитетски професор и туристички експерт)
(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)












