Меѓуизборите од 3 ноември 2026 година донесоа значителна промена во политичката архитектура на Соединетите Американски Држави. Демократската партија, според првичните изборни резултати, ја презеде контролата врз двата дома на Конгресот, нанесувајќи сериозен политички удар врз претседателот Доналд Трамп и Републиканската партија. Сепак, вистинското значење на овие избори не се состои единствено во промената на конгресното мнозинство, туку во географијата на изборните победи, променетото однесување на гласачите и во новата распределба на институционалната моќ во Вашингтон.
Особено впечатливи се резултатите во традиционално републиканските сојузни држави. Во Тексас, демократот Џејмс Таларико го победи републиканецот Кен Пакстон, станувајќи првиот демократ избран во американскиот Сенат од оваа држава по 38 години. Дополнително, Џина Инохоса го порази долгогодишниот гувернер Грег Абот. Во Канзас, Адам Хамилтон го победи актуелниот сенатор Роџер Маршал, остварувајќи ја првата демократска сенаторска победа во државата од 1932 година. Во Јужна Каролина, Ени Ендрјус ја победи републиканката Дарлин Греам, додека во Ајова, Џош Турек ја совлада Ешли Хинсон. Значајни демократски победи беа забележани и во Охајо, Северна Каролина и во Мејн.
Овие резултати укажуваат дека не било ограничено незадоволството на традиционалните демократски гласачи, туку опфатило и независни избирачи и делови од електоратот што претходно им давале поддршка на републиканците. Сепак, би било аналитички погрешно да се прогласи ваквиот исход за трајна идеолошка трансформација на американското општество. Американските меѓуизбори историски често претставуваат коректив на актуелната претседателска администрација, а не нужно долгорочна промена на политичката ориентација на населението.
Економијата повторно ја победи политичката реторика
Клучот за разбирање на изборниот пресврт лежи во економската перцепција на американските граѓани. Високите животни трошоци, цените на енергенсите, инфлациските притисоци и неизвесноста околу животниот стандард имаа значително влијание врз изборното расположение. Според излезните анкети, речиси девет од десет гласачи ги оцениле животните трошоци како важно изборно прашање.
Дополнителен фактор претставуваше американското воено ангажирање во Иран и неговото влијание врз економијата и енергетските пазари. Администрацијата на Трамп се соочи со незадоволство од дел од јавноста која очекуваше поголема концентрација на домашните економски проблеми и помала изложеност на меѓународни воени конфликти.
Во политичка смисла, резултатите покажуваат дека изборната коалиција што му ја донесе победата на Трамп во 2024 година не претставува безусловна поддршка за сите негови политики. Истовремено, демократите сега ќе се соочат со сопствен предизвик: да покажат дека можат да понудат конкретни економски решенија, а не само институционална опозиција на Белата куќа.
Две години на институционално надмудрување
Со демократско мнозинство во Сенатот и во Претставничкиот дом, претседателот Трамп влегува во последните две години од својот мандат со значително ограничен законодавен маневарски простор. Новиот Конгрес ќе има можност да го засили надзорот врз извршната власт, да отвора истраги, да влијае врз буџетските приоритети и да го контролира процесот на потврдување високи државни и судски именувања преку Сенатот.
Особено важна ќе биде промената во раководството на конгресните комисии за надворешни работи, вооружени сили, разузнавање и за буџет. Токму преку овие институционални механизми Конгресот може да влијае врз американската политика кон НАТО, Украина, Русија и кон Западен Балкан.
Сепак, демократите нема да имаат неограничена моќ. Претседателското вето, уставните надлежности на извршната власт и процедурните правила во Сенатот ќе продолжат да претставуваат значајни ограничувања. Оттука, Вашингтон влегува во период во кој политичките компромиси ќе бидат неопходни, но институционалните конфронтации остануваат реална можност.
Македонија и Македонско-американскиот конгресен кокус
За Македонија, најзначајното прашање не е само кој ќе го контролира Конгресот туку и како ќе влијае новата распределба на политичката моќ врз Македонско-американскиот конгресен кокус, еден од најважните институционални механизми за застапување на македонските интереси во Вашингтон.
Во досегашниот состав на Конгресот, кокусот беше предводен од демократските конгресмени Деби Дингел од Мичиген и Брендан Бојл од Пенсилванија, како и од републиканските конгресменки Лиса Меклејн од Мичиген и Клаудија Тени од Њујорк. Неговата двопартиска структура има особено значење, бидејќи овозможува да не бидат зависни македонските прашања од една администрација или политичка партија.
По овие избори, клучно ќе биде да се потврди кои од досегашните членови го задржуваат својот мандат, дали ќе продолжат да го предводат кокусот и кои новоизбрани конгресмени би можеле да се приклучат. Подеднакво значајно е дали ќе добијат неговите членови повлијателни позиции во конгресните комисии. Бројот на членови сам по себе не ја одредува политичката тежина на кокусот; пресудни се нивниот институционален авторитет, пристапот до законодавните процеси и способноста за градење двопартиски консензус.
Токму тука македонската дијаспора има можност да одигра суштинска улога. Обединетата македонска дијаспора со години работи на развивање односи со американските законодавци, проширување на конгресната поддршка и на иницијативи за поголема видливост на македонската заедница, вклучително и признавањето на македонско-американското културно наследство.
Новиот политички состав во Вашингтон треба да се искористи за зајакнување на постојните партнерства, воспоставување односи со новоизбраните конгресмени и за проширување на кокусот. Особено внимание заслужуваат сојузните држави со значајно македонско иселеничко присуство, каде што организираната заедница може да биде важен фактор во одржувањето на комуникацијата со избраните претставници.
Националните интереси мора да ги надживеат изборните циклуси
Промените во Вашингтон може да имаат последици врз трансатлантските односи, американската безбедносна политика и ангажманот на САД на Западен Балкан. Но, за Македонија би било погрешно да се очекува дека демократското мнозинство автоматски ќе донесе промена на американските позиции за секое регионално прашање.
Македонската дипломатија мора да развива долгорочни односи со двата политички табори, со Белата куќа, Стејт департментот и со Конгресот. Македонско-американскиот кокус треба да биде еден од централните инструменти на таквата стратегија, а дијаспората активен партнер во нејзиното спроведување.
Изборите во 2026 година не го означуваат крајот на политичкото влијание на Доналд Трамп, ниту гарантираат демократска победа во 2028 година. Тие, пред сè, покажуваат дека американскиот политички систем повторно ја прераспределува моќта меѓу институциите.
За Македонија, вистинското прашање не е кој победил во Америка, туку дали сме подготвени да изградиме доволно силно и трајно политичко присуство во Вашингтон. Бидејќи во меѓународните односи администрациите се менуваат, но националните интереси остануваат.
(Авторот е директор на Обединетата македонска дијаспора за Македонија и Европа)
(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)












