Нема да има присилна вакцинација против морбили, смета министерот за здравство бидејќи според него таквите мерки се контрапродуктивни. Во моментов има пет случаи на морбили во земјава, три од нив кај бебиња – министерот апелира родителите да ги вакцинираат децата и да не ја загрозуваат нивната и туѓата здравствена состојба
„Нема да правиме акција со присилни мерки за да се вакцинираат децата со МРП-вакцината, бидејќи во минатото се покажа дека присилните мерки во одредена мера се контрапродуктивни“, изјави Сашо Клековски. Во земјава во вторникот беше регистриран петтиот случај на морбили, кај едно и полгодишно бебе. Досега заболеле три бебиња, еден 45-годишен маж и еден државјанин на Косово. На новинарско прашање зошто не се применува забраната за прием во градинки на деца кои не се вакцинирани со МРП, со оглед дека вакцинацијата е законска обврска, министерот одговори дека таквата мерка и претходно се заобиколувала.
Опфатот на вакцинација со МРП е 62%. Клековски апелира до граѓаните со симптоми да не одат директно во здравствените установи, туку прво телефонски да се јават кај лекар, за да се намали ризикот од ширење на инфекцијата во чекалните. Тој информира дека во моментов нема хоспитализирани пациенти, но дека се дадени насоки за подготовка на една клиничка болница за прием на бебиња, како најранлива група. За возрасните пациенти, соодветна установа е Клиниката за инфективни болести.(П.А.)












