По 14 неуспешни тендери, Владата повторно ја отвора можноста да се гради „Чебрен и Галиште“ без приватен партнер. Инвестицијата би можела да достигне до 1,5 милијарди евра, а премиерот најавува интерес од американската финансиска институција ДФЦ. Во меѓувреме, РКЕ предлага во финансирањето да се вклучат и граѓаните, преку акции. Пред државата сега е прашањето како да се обезбедат парите и кој модел ќе ја носи инвестицијата
Проектот „Чебрен и Галиште“ е повторно во фокусот на Владата и на јавноста, но овој пат со поинаква идеја од онаа што се зборуваше со години за реализација на еден од најголемите енергетски проекти во земјава. Наместо државата повторно да бара приватен партнер, од Владата сè поотворено се зборува за можноста сама да застане зад инвестицијата.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска повторно порача дека е погоден моментот за, како што го нарече, „похрабар чекор“ и државата да стане инвеститор во проектот. Според него, веќе постојат финансиски институции заинтересирани да го поддржат проектот, меѓу кои ја посочи и американската ДФЦ, со чии претставници било разговарано при посетата на Соединетите Американски Држави.
– Сега е вистинско време кога треба државата да направи похрабар чекор и таа да биде инвеститор – изјави Мицкоски, додавајќи дека доколку се одвиваат работите според планот, следната година би можел да биде поставен и камен-темелникот.
Ова не е нова позиција на премиерот. Уште во јуни годинава тој најави дека сериозно се размислува во Владата државата самостојно да го реализира проектот, без приватен партнер. Тогаш Мицкоски зборуваше за инвестиција што, заедно со каматите, би можела да достигне до 1,5 милијарди евра и посочи дека конечната одлука ќе зависи и од разговорите во рамките на АД ЕСМ.
– Сериозно размислуваме и сме пред носење стратешка одлука државата самостојно да го реализира, без приватен партнер – рече тогаш премиерот.
Оттогаш до денес, идејата, очигледно, се придвижува од политичка најава кон модел за финансирање. Мицкоски денеска истакна дека според владините пресметки, внатрешната стапка на поврат на проектот е двоцифрена, а нето сегашната вредност е позитивна. Тој нагласи дека токму економската оправданост ќе биде еден од клучните аргументи во одлуката дали треба да преземе државата инвестиција од вакви размери.
Проектот, сепак, не е само прашање на производство на електрична енергија. Владата го поврзува „Чебрен“ со идниот изглед на електроенергетскиот систем, особено со растот на сончевите и на ветерните централи, бидејќи реверзибилната хидроелектрана може да има улога во складирањето и во балансирањето на енергијата. Истовремено, акумулациите се гледаат и како дополнителен воден ресурс во услови на климатски промени, со можност водата од акумулацијата да се користи и за земјоделски потреби.
Денешната изјава на Мицкоски, пак, отвора уште една можност: финансирањето да не остане исклучиво меѓу државата и големите финансиски институции. Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Ацо Ристов, уште во јуни годинава предложи граѓаните да можат директно да инвестираат во вакви стратешки енергетски објекти, преку акции.
– При реализацијата на вакви стратешки проекти, освен класичното кредитирање, треба да се разгледа и модел на акционерско друштво. На тој начин, граѓаните наместо да вложуваат во недвижности, ќе можат да инвестираат во акции и да учествуваат во изградбата – изјави Ристов.
Со тоа се отвора сосема поинаква перспектива за проектот. „Чебрен“ повеќе не би бил само државна инвестиција финансирана преку буџет, кредити или меѓународни финансиски институции туку потенцијално и проект во кој би можеле да учествуваат домашни инвеститори. Таквиот модел, доколку воопшто биде применет, би барал прецизно дефинирана сопственичка структура, правила за управување, услови за вложување и јасно утврден начин на распределба на евентуалниот принос.
Државата со години се обидува да најде партнер за изградба на „Чебрен“, но досегашните обиди не дадоа резултат. Во изминатите две децении имаше 14 тендери, а последниот обид пропадна откако грчката компанија ППЦ „Архидрон“ не ја достави банкарската гаранција во предвидениот рок.
Но, историјата на проектот е многу подолга од последните тендери. Плановите за искористување на потенцијалот на Црна Река датираат уште од 1960-тите, а по изградбата на „Тиквеш“ во 1964 година, „Чебрен“ и „Галиште“ останаа како нереализирани делови од енергетската визија.
Сега Владата повторно ја отвора таа тема, но, како што истакна Мицкоски, „во услови на енергетска транзиција и зголемена потреба од капацитети кои можат да обезбедат стабилност на системот“. Мицкоски вчера порача дека „тоа е проект што ќе трае од повеќе влади“, што практично значи дека одлуката за изградба би имала многу подолги последици од еден владин мандат.
Според пресметките на економистите и на енергетичарите, доколку државата одлучи сама да ја изгради хидроцентралата „Чебрен“, ќе бидат потребни најмалку седум години и по 150 милиони евра годишно од државниот буџет. Тие сметаат дека е возможно ова, особено ако се земе предвид фактот дека секоја година остануваат неискористени пари за капитални инвестиции.
Доколку се изгради хидроелектраната „Чебрен“, таа треба да произведува струја речиси колку што произведуваат другите хидроцентрали во земјава заедно. Македонија сега користи само една четвртина од својот хидропотенцијал за производство на струја. Со инвестиции во оваа централа, државата, која е зависна од увоз на струја, може да обезбеди релативно достапна струја во наредните децении.
Мицкоски: Струјата нема да поскапи
Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Владата прави сè за да ја задржи постојната цена на електричната енергија, која, како што истакна, е меѓу најниските во регионот и во Европа. Тој најави и можност за проширување на евтината тарифа во периоди кога има зголемено производство на струја од сонце.
– Имаме и едни од најниските цени на електрична енергија во регионот и во Европа. Се бориме таа цена да остане иста. Јас сум убеден дека ќе остане иста и да видиме следната година какви се можностите, во одредени периоди од годината, кога имаме поголемо производство на електрична енергија од сонце, да го продолжиме тој период на евтина тарифа. Така што, во услови кога сите ги зголемуваат цените, ние се бориме како од овој предизвик да препознаеме шанса и да ја преточиме во можност за нашите граѓани – изјави премиерот Мицкоски.
(С. Бл.)












