Иако жените претставуваат 57,5 отсто од вкупно 110.885 вработени во јавниот сектор, на раководни позиции најчесто се именувани мажи, укажува Државниот завод за ревизија со извршената ревизија на успешност на тема „Жени лидери – жени во политиката, Собранието, на раководни функции во органи на централна власт“. Во денеска објавениот извештај се наведува дека тоа укажува дека поголемата застапеност на жените во јавниот сектор не се преточува и во еднаков пристап до позициите на одлучување. Ревизијата го опфати периодот од 2020 до 2024 година, а одредени прашања и настани се следени и до денот на известувањето.
Во анализата се наведува и податокот дека иако со 39,2 процентно учество во 2024 година државата има релативно висока застапеност на жените во Собранието, во Владата тие учествуваат со само 15 отсто, а од 58 лица именувани на лидерски позиции од страна на Собранието, само 16 се жени
-Утврдено е дека не се воспоставени ефективни политики и мерки за зајакнување на улогата на жените на лидерски позиции и на раководни функции во органите на централната власт. Извршената анализа покажува дека законски задолжителната квота за помалку застапениот пол има ефект врз учеството на жените во Собранието . Во периодот 2007–2024 година учеството на жените пратенички се движи од 30 отсто до 43 проценти, а во 2024 година изнесува 39,2 отсто. Со овој процент државата има повисока застапеност на жените во парламентот од 83 отсто од земјите членки на Европската Унија, а во однос на земјите од регионот кои не се членки на ЕУ е на прво место – се наведува во извештајот.
Се укажува дека од конституирањето на првото Собрание во 1991 година до 2024 година, ниту една жена не е избрана за претседател на Собранието.
-Во актуелниот парламентарен состав има една жена потпретседател, а со Деловникот од 2023 година е воведена позитивна мерка со која најмалку еден од потпретседателите треба да биде од помалку застапениот пол. Во извршната власт, состојбата е поинаква. Законот за Владата и Деловникот не предвидуваат родов баланс при предлагањето и именувањето на министрите. За разлика од парламентот, каде постои правно обврзувачка квота, составот на извршната власт зависи од предлогот на мандаторот. Во периодот 2014–2024 година учеството на жените во Владата како министерки се движи од 14 отсто до 31 отсто, како заменик-министерки од 7 проценти до 25 отсто, а како државни секретари од 6 отсто до 31 отсто. Во составот на Владата 2024–2028 година, од 20 министри со ресор, само 3 се жени, односно 15 отсто, додека од петте заменици на претседателот на Владата нема ниту една жена – се потенцира од страна на ДЗР.
Со ревизијата е утврдено дека недостигаат унифицирани механизми за избор и именување на лица на раководни функции во органите на централната власт. Именувањето се врши согласно различни закони, а во дел од постапките изборот се спроведува на затворени седници, што влијае врз транспарентноста на процесот. Уште во 2019 година бил изработен предлог закон со кој треба да се уреди високата раководна служба, постапката за избор и пополнување на високите раководни места, одговорноста и управувањето со учинокот на високите раководители.
ДЗР оценува дека е потребно воспоставување одржлив систем што ќе обезбеди еднаков пристап, фер третман и сигурна средина за жените да учествуваат во политиката и да преземаат високи државни раководни функции. (Б.Ѓ.)












