На свечена академија на 18. Меѓународен театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски” во Крива Паланка му беше врачено признанието на годинашниот лауреат, познатиот македонски актер, Тони Михајловски, за неговиот исклучителен актерски талент, повеќедецениска посветеност и траен придонес во македонската култура.
На свеченоста се обрати градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, кој му честиташе на Михајловски и нагласи дека ова признание е заслужено со неговиот исклучителен талент, незаборавните улоги и повеќедецениската посветеност.
– По осумнаесетти пат, Крива Паланка станува дом на театарот, отворена сцена во која се вткаени врвни театарски имиња, многу одиграни претстави, бројна публика, многу средби и се создадени трајни пријателства. Најубавото признание за еден актер е кога публиката ќе го почувствува како свој, кога публиката со радост го очекува на сцената и знае дека повторно има што да понесе со себе од таа средба. Токму Михајловски го има тоа место кај публиката и заслужено, со талентот и енергијата, искреноста и оригиналноста што ги поседува, остави траен белег во македонската култура. Ви посакувам уште многу успешни улоги и силни аплаузи. Чувствувајте се како дома, затоа што ние веќе ве чувствуваме како свој, истакна Митовски.
Со повеќе од три децении богато творештво, бројни уметнички остварувања и автентичен актерски печат, Тони Михајловски се вбројува меѓу највпечатливите имиња на македонската театарска, филмска и телевизиска сцена. На настанот беше истакнато дека многу ѕвезди се родиле, малку останале, но меѓу нив е Тони Михајловски, кој и покрај сите премрежиња, сопки и забелешки, продолжи да свети сѐ повеќе, па стана и академски професор по глума.
За животот, делото и театарскиот омаж на Михајловски говореше Гоце Ристовски, уметнички директор на фестивалот. Неговото име е запишано во значајни филмски остварувања како „Џипси меџик“, „Буре барут“, „Збогум на 20-тиот век“, „Бал-кан-кан“, „Панкот не е мртов“, „Парада“, „Трето полувреме“ и „До балчак“. За својот придонес во македонската култура е добитник на бројни актерски признанија, меѓу кои и наградата за животно дело „Петре Прличко“.
Во своето обраќање, пак, Михајловски зборуваше за сцената како свето место, за изведбата како дел од животот и за театарот како уметност што ги надминува времето и границите.
– Продолжете да ја градите културата. Посакувам на јубилејното, 20. издание на фестивалот повторно да дојдам, но тогаш на сцената да ги изговорам зборовите „Нека се крене завесата!“, во ваша сопствена театарска зграда. Дај Боже, рече Михајловски.
Организаторите истакнаа и дека признанието годинава му припадна на актер чии улоги не исчезнуваат со последниот аплауз, туку остануваат во колективната меморија и претставуваат трајна вредност на македонската култура.
Годинашното 18. фестивалско издание започна со изведбата на претставата „Кокошка“ на Театар Комедија од Скопје. Во рамки на фестивалот, што ќе трае до 6 октомври, публиката ќе може да погледне девет театарски претстави.
Фото: Фејсбук на Општина Крива Паланка












