Министерoт за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али и Владимир Буревски во име на компанијата „Moдирум платформс“ од Скопје потпишаа Меморандум за соработка за унапредување на раното откривање пожари и заштитата на животната средина.
Со потпишаниот меморандум се воспоставува рамка за реализација на пилот-систем за видеомониторинг на депонии преку современи камери, интелигентна видеоаналитика и вештачка интелигенција ќе овозможи навремено откривање на чад, пожар и други ризици.
Центарот за управување со кризи (ЦУК) ќе обезбедува 24-часовен мониторинг и ќе ги известува надлежните институции при идентификување на ризик, со што се овозможува побрзо реагирање и подобра координација.
Компанијата „Moдирум платформс“ која со својата технологија и експертиза придонесува кон иницијативи за заштита на животната средина, превенција на ризици и унапредување на јавната безбедност, ќе обезбеди опрема за системот на привремено користење во период од една година, како дел од својата поддршка за иницијативи од јавен интерес.
Со овој пилот-проект, Министерството за животна средина и просторно планирање ја унапредува примената на современи дигитални технологии во заштитата на животната средина, со фокус на превенција, рано предупредување и поефикасно реагирање.
Резултатите од пилот-фазата ќе бидат основа за разгледување на можностите за проширување на системот на национално ниво.












