сабота, септември 12, 2026
Дома МАГАЗИН „Гугл“ најави голема инвестиција во Европа: Ќе вложи 13 милијарди евра во...

„Гугл“ најави голема инвестиција во Европа: Ќе вложи 13 милијарди евра во центри за податоци и други проекти во Финска

0

„Гугл“ објави дека во текот на следните две години ќе инвестира најмалку 13 милијарди евра во Финска во проекти за дигитална инфраструктура, вклучувајќи и центри за податоци за поддршка на моделите со вештачка интелигенција.

„Ова е најголемата инвестиција на „Гугл“ во Европа и доказ за водечката улога на Финска во одговорниот развој на инфраструктурата за вештачка интелигенција“, соопштија од компанијата.

Овие инвестиции ќе го финансираат развојот на центри за податоци и други партнерства во општините Хамина, Кајани, Мухос и Ваала.

Средствата исто така опфаќаат „проекти за чиста енергија“ и ќе бидат наменети за „фондови за природата и заедницата, со цел поддршка на локалниот биодиверзитет, образованието, истражувањето и развојот на вештини“, додадоа од „Гугл“.

Благодарение на релативно евтината електрична енергија и студената клима, Финска во последните години бележи пораст на проекти за центри за податоци, при што десетици од нив се веќе во фаза на изградба.

Привлекувањето инвестиции во овој сектор е приоритет за десничарската влада на Петери Орпо, додека оваа нордиска земја се соочува со рекордно висока невработеност. Технолошкиот гигант Google постепено го проширува своето присуство во Финска уште од 2009 година, кога ја купи поранешната фабрика за хартија во крајбрежниот град Хамина и ја претвори во центар за податоци.

Фазата на изградба за овие нови инвестиции е планирана за 2027 и 2028 година.

„Гугл“ проценува дека ова ќе го зголеми бруто-домашниот производ (БДП) на Финска за 3,6 милијарди евра годишно и ќе „поддржи повеќе од 37.000 работни места“ во оваа нордиска земја, вклучувајќи 16.000 во градежниот сектор, пренесе „Бета“.

ИЗДВОЕНИ