четврток, септември 10, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Андреа Серафимовски за весникот ВЕЧЕР: Македонците повеќе инвестираат во станови отколку во...

Андреа Серафимовски за весникот ВЕЧЕР: Македонците повеќе инвестираат во станови отколку во банки, но многу од нив се празни

И покрај големиот број празни станови, цените на недвижностите во Македонија продолжуваат да растат. Недовербата кон финансиските инструменти, традиционалното сфаќање на имотот како сигурна инвестиција и иселувањето создаваат парадокс на пазарот, додека младите сè потешко доаѓаат до сопствен дом. Со Андреја Серафимовски разговараме за причините поради кои растат цените на становите и покрај неискористениот станбен фонд, за недвижноста како омилена форма на инвестирање и за мерките што би можеле да придонесат за подобро искористување на празните станови. Ги отвораме и прашањата за недостапното домување, високите кирии и потребата од долгорочни политики што ќе им овозможат на младите полесно да дојдат до сопствен дом  

2

Пазарот на недвижности во Македонија се соочува со парадокс: и покрај тоа што е исклучително голем бројот на ненаселени станови, цените на недвижностите продолжуваат да растат. Како го објаснувате овој феномен?

Не треба да го анализираме овој парадокс единствено преку призмата на понудата и побарувачката, туку потребно е да ја согледаме и инвестициската култура што постои кај нашето население. Кај голем дел од граѓаните постои недоверба кон други форми на инвестирање, што е разбирливо ако се земат предвид негативните искуства од минатото, со одредени фондови и финансиски инструменти. Од друга страна, недвижноста е нешто што може човек да го види и полесно да го контролира. Таа има и одредена традиција кај нас, со генерации недвижноста се доживува како сигурност и начин на зачувување на капиталот. Особено по ковид-периодот, оние што веќе поседуваа недвижност забележаа значителен раст на нејзината вредност, што дополнително го зајакна уверувањето дека недвижноста е „сигурна инвестиција“. Тоа создаде и еден вид позитивен круг, луѓето гледаат дека му пораснала вредноста на имотот на некој што инвестирал во стан пред неколку години и природно се насочуваат кон истиот модел. Затоа, дел од одговорот е токму во тоа што дел од становите не се купени за живеење, туку како форма на штедење и инвестирање. Тоа се гледа и преку актуелните податоци, цените на становите продолжуваат да растат, иако значителен дел од станбениот фонд е ненаселен.

Дали цените на становите денес ја одразуваат нивната реална вредност или пазарот сè повеќе станува шпекулативен?

Секоја цена што се нуди и има кој да плати за неа е цена што важи и е пазарна. Сè додека се продава тоа што е понудено, тоа е реалност. Она што, можеби, ни недостига и на што треба повеќе да работиме е едукацијата на купувачите, да знаат да го препознаат квалитетот, но и неквалитетот. Не треба само да се прифати цената туку треба и да се знае што точно се купува. Треба да се бараат информации за материјалите, начинот на изведба, роковите и за гаранцискиот период, како и кој врши контрола и надзор. Важно е да се знае и историјатот на инвеститорот, бидејќи од тоа зависи неговата одговорност понатаму. Не треба да се купува од фирми што згаснуваат по изведбата и потоа нема каде да се остварат своите права. Сите овие прашања треба однапред да бидат познати и јасно регулирани во договорната и во техничката документација. Затоа не би рекол дека пазарот е нужно шпекулативен. Би рекол дека треба да станеме позрели како пазар и во понудата, но и во побарувачката. Кога знае купувачот што бара, а изведувачот знае дека ќе биде квалитетот проверен и баран, тогаш целиот пазар природно се движи кон повисоки стандарди.

Што е причината што остануваат празни толку голем број станови: иселувањето, инвестициите, високите цени или недостигот на соодветни политики?

Причината не може да се бара само во еден фактор туку станува збор за влијание од повеќе околности. Пред сè, тука е иселувањето, кое природно остава дел од станбениот фонд ненаселен. Од друга страна, имаме и значителен број станови што се купуваат како инвестиција, со очекување дека со текот на времето ќе добијат дополнителна вредност, без притоа веднаш да се користат за живеење или за изнајмување. Високите цени, исто така ,имаат свое влијание, бидејќи не секој имот што е понуден на пазарот е истовремено и достапен за секое домаќинство.  поред мене, станува збор за симбиоза на повеќе фактори: демографските движења, иселувањето, инвестициската перцепција на недвижностите и ценовните услови на пазарот. Секако, секогаш постои простор, преку понатамошно унапредување на условите на пазарот и мерките во оваа област, да се поттикне подобро да се искористи постојниот станбен фонд.

Дали треба да воведе државата конкретни мерки за активирање на празните станови и за регулирање на растот на кириите?

Мислам дека сега пазарот е зрел за некоја таква политика, односно соодветни мерки, но тие треба да бидат внимателно осмислени и постепено воведени. Една од можностите е даночна политика, која би направила разлика меѓу основното домување и недвижностите со повисока вредност. Целта не треба да биде дополнително оптоварување на граѓаните, бидејќи не сакаме да ги загубиме, и дополнително реинвестирање на остварените добивки на нашите граѓани во нашиот пазар. Целта треба да биде подобро искористување на станбениот фонд и создавање порамномерен и поодржлив пазар на недвижности. Затоа сметам дека треба да бидеме многу претпазливи при изборот на мерката, а нејзината ефективност и последиците треба детално да се разгледаат пред да се преземе конкретен чекор.

Колку влијае станбената недостапност врз младите и дали високите цени и кирии се една од причините поради кои се одлучуваат тие да ја напуштат земјата?

Не е пресуден фактор, но, секако, влијае. Високите цени на становите и на кириите може дополнително да го отежнат осамостојувањето на младите и да влијаат врз нивната одлука за иднината. Сепак, причините за иселувањето се многу пошироки и не би ги свела само на станбеното прашање.

Кои се конкретните мерки што треба да ги преземе Владата за да дојде еден просечен млад човек или младо семејство полесно до сопствен дом?

Моменталните состојби условуваат конкретни, долгорочни мерки и политики насочени кон младите и кон младите брачни парови. Но, паралелно мора да се работи и на подобрување на стандардот, сигурноста и предвидливоста за иднината преку стабилни услови за работа, квалитетни здравствени услуги и образовен систем. На крајот, тоа е задача на секоја влада, секогаш и секаде да создаде услови во кои младите ќе имаат причина да ја градат својата иднина дома.

(А.С.)

ИЗДВОЕНИ