четврток, септември 10, 2026
Дома СВЕТ Испливаа шокантни детали за мигрантската криза во Сеута: Шпанската влада oбјави доверливи...

Испливаа шокантни детали за мигрантската криза во Сеута: Шпанската влада oбјави доверливи документи

191
EPA/REDUAN

Шпанската влада објави декласифицирани извештаи од разузнавачките и безбедносните служби во врска со масовниот влез на десетици илјади мигранти во Сеута кон крајот на јули; тие откриваат дека шпанските служби регистрирале повици за масовен премин на границата во деновите пред кризата, додека военото разузнавање предупредило на „многу веројатен“ масовен влез токму на денот кога се случил настанот.

Владата објави околу 40 документи, изготвени во периодот од 1 јули до 1 август, подготвени од Националниот разузнавачки центар (CNI), военото разузнавање, Националната полиција, Цивилната гарда и други релевантни институции.

Според документи, на 29 јули – ден пред масовниот влез на мигранти во Сеута – шпанската разузнавачка служба CNI ги предупредила мароканските разузнавачки служби дека на социјалните мрежи биле забележани повици за влез во градот, вклучително и во групи на Фејсбук и преку пораки на WhatsApp со називи како „Напад на оградата во Сеута“, објави денеска шпанскиот весник Ел Паис.

Во еден разговор на WhatsApp, оперативец на CNI во Сеута ја известил канцеларијата на делегацијата на локалната власт дека на социјалните мрежи бил објавен повик за напад на оградата и влез преку море.

Тој истакнал дека две групи имале вкупно 180.000 следбеници, со цел да се нагласи обемот на повикот за акција.

Истиот ден, CNI ги известила мароканските служби за разузнавачките сознанија за плановите за повеќекратни обиди за влез во Сеута – како по копно, така и по вода – искористувајќи ги прославите за Денот на престолот, закажани за 30 јули.

На 30 јули во 12:00 часот, Воениот разузнавачки центар на шпанските вооружени сили (CIFAS) предупредил на „многу веројатен“ масовен влез на мигранти.

Во извештајот поднесен во 13:00 часот – додека преминувањето на стотици луѓе веќе било во тек – ситуацијата била опишана како „миграциски хаос“, а било оценето дека мароканските власти на границата биле „пасивни“.

Во 21:20 часот истиот ден, CNI проценила дека големиот број мигранти ги надминал капацитетите на малубројните марокански единици присутни на границата и забележала дека не бил регистриран никаков проактивен одговор од страна на мароканските власти.

Според извештајот, единиците за справување со немири биле распоредени на границата дури три часа откако ситуацијата излегла од контрола.

Документот ја опишува тогашната ситуација како најголем масовен прилив на мигранти во историјата на шпанската енклава Сеута, при што се наведува дека капацитетите на шпанските безбедносни служби и на системот за прифат на мигранти биле во состојба на „целосен колапс“.

Објавените документи исто така откриваат дека, уште на 10 јули, Цивилната гарда побарала од Министерството за внатрешни работи да распореди дополнителни специјализирани подводни и поморски единици во Сеута, предупредувајќи на ризикот од зголемен број илегални влезови по морски пат.

Во тоа време, Цивилната гарда укажала дека пресудата на Врховниот суд би можела да ги охрабри луѓето да влегуваат пливајќи – бидејќи таквите обиди тешко се откриваат и пресретнуваат во рана фаза – и предложила зголемување на бројот на припадници, зајакнување на системите за рано откривање и крајбрежен надзор, како и измени на законот.

Неделниот извештај на Цивилната гарда од 22 јули покажал дека мароканската морнарица спречила 773 обиди за влез само во текот на неделата од 13 до 19 јули – што претставува зголемување за 146 во споредба со претходната недела.

Владата во Мадрид инсистира на тоа дека објавените документи покажуваат оти таа не била предупредена за размерите на кризата што следела; сепак, шпанскиот весник забележува дека самите документи потврдуваат оти разни шпански агенции регистрирале зголемена миграциска активност, повици за масовно преминување на границата и потреба од дополнителни безбедносни сили уште пред масовниот прилив.

ИЗДВОЕНИ