вторник, август 18, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Кој дозволи да бидат извезени пиперките и кој ќе ја плати цената...

Кој дозволи да бидат извезени пиперките и кој ќе ја плати цената за нарушената доверба кај купувачите?

Ако поради пропуст во системот се наруши довербата во македонските земјоделски производи, последиците нема да ги почувствуваат само производителот и извозникот на спорната пратка. Цената може да ја платат илјадници земјоделци преку посложен извоз, дополнителни контроли, повисоки трошоци и губење на странските купувачи. Затоа останува клучното прашање кој ќе одговара ако најголемата цена за пропустите на системот ја платат оние што најмалку се виновни – македонските земјоделци

1

Пратка од 11,6 тони свежи пиперки од Македонија е запрена во Бугарија откако лабораториската контрола утврдила присуство на пестицидот форметанат над дозволеното ниво. Пиперките, кои преку граничниот премин Златарево биле наменети за оператор во Петрич, според информациите од бугарска страна, не стигнале до продавниците и пазарите, бидејќи контролата го открила проблемот пред да стигне производот до потрошувачите. Но, случајот отвора сериозни прашања за контролата на земјоделските производи пред да ја напуштат тие Македонија. Од Националната земјоделска мрежа бараат официјален одговор од Агенцијата за храна и ветеринарство и од Државниот инспекторат за земјоделство за тоа поради кои причини е вратена пратката и како било можно да поминат пиперките низ домашните процедури, а проблемот да биде утврден дури при контролата во Бугарија.

– Бараме брз и сеопфатен одговор затоа што директно се нанесува штета и се создава недоверба кај граѓаните дека македонскиот зеленчук е токсичен. Како земјоделски производители, одговорно тврдиме дека во нашата држава се користат исклучиво препарати што се на зелената листа на Европската Унија и ги исполнуваат строгите критериуми за безбедност на храната. Бараме од надлежните институции да кажат за кој пестицид се работи, кој е извозникот и од кој регион потекнува стоката – изјави за весникот ВЕЧЕР Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа.

Според него, суштината на случајот е да се утврди што се случило пред да стигне пратката на бугарската граница. Дали биле земени примероци и направени лабораториски анализи во Македонија? Кој ја извршил фитосанитарната контрола и кој ги потпишал резултатите? Дали покажале домашните анализи дека пиперките ги исполнуваат условите за извоз и доколку е така, зошто бугарската лабораторија утврдила поинаква состојба? Доколку не била направена анализата, тогаш се поставува прашањето кој дозволил да биде извезена пратката.

Од Националната земјоделска мрежа сметаат дека овие одговори се особено важни, затоа што последиците не се однесуваат само на еден производител или на еден извозник. Секој случај во кој е одбиен македонски земјоделски производ на странски пазар може да влијае врз довербата на купувачите во производите од целата земја.

– Кога ќе запре странска институција пратка поради недозволено ниво на пестицид, не се доведува во прашање само конкретната количина. Се создава сомнеж и кај домашните и кај странските купувачи за квалитетот на македонските земјоделски производи – вели Каракашев.

Тој предупредува дека доколку не дадат институциите јасно објаснување, ќе остане простор за различни толкувања на случајот, што дополнително може да ја наруши довербата во македонското производство. Оттаму, според НЗМ, мора да се утврди кој е производителот, од каде потекнуваат пиперките, кои препарати биле користени, кога било последното третирање и дали бил почитуван периодот на каренца.

– Производителот што ги почитува правилата, ја почитува каренцата, води евиденција за употребените препарати и произведува квалитетна и безбедна храна, не смее да ја плаќа цената за туѓ пропуст. Доколку биде нарушена довербата во македонските производи, последиците ќе ги почувствуваат сите, преку дополнителни проверки, повисоки трошоци, потешко пласирање на производите и, можеби, загуба на странските купувачи – велат од НЗМ.

Од Здружението посочуваат дека во минатото имало случаи на нелегален увоз и на употреба на препарати, но додаваат дека се зголемени контролите во последниве години, а кај земјоделците е зголемена и свеста за одговорноста при употребата на средства за заштита на растенијата.

– Во оваа фаза на производство, пиперката не би требало да се прска бидејќи е веќе заштитена. Освен тоа, кај нас се користат само дозволени пестициди. Поради тоа, се остава простор за сомнеж зошто се случува ова во шпицот на бербата, кога штотуку се договори откупната цена на ајварката – изјави за весникот ВЕЧЕР Ристо Велков, претседател на Сојузот на земјоделците од Струмица.

Тука се наметнува и прашањето дали сака некој намерно да го наруши извозот со цел пиперките да останат на домашниот пазар и да се намали откупната цена.

Еден ваков случај не може да биде доказ дека е небезбедно македонското земјоделско производство, ниту, пак, е коректно да се префрли сомнежот за една пратка врз сите производители. Напротив, токму поради земјоделците што ги почитуваат правилата, институциите треба да ја утврдат целата фактичка состојба и јавно да кажат каде настанал проблемот.

Затоа одговорот на институциите треба да биде конкретен и транспарентен кој ги направил фитосанитарната и лабораториската контрола во Македонија, што покажале резултатите, врз основа на што е дозволен извозот и како се случило бугарската контрола да утврди недозволено ниво на форметанат. Земјоделците не бараат прикривање на евентуалните пропусти. Бараат тие да бидат откриени и отстранети, затоа што од ефикасноста на контролниот систем зависи и нивниот углед. Тие ја произведуваат храната, но институциите се тие што треба да гарантираат дека функционира системот.

(А. С.)

 

ИЗДВОЕНИ