вторник, август 18, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Камуфлирана како торти, перници и јоргани – марихуаната патувала преку Табановце кон...

Камуфлирана како торти, перници и јоргани – марихуаната патувала преку Табановце кон Србија

3,6 И 3,8 ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА ДВАЈЦА ОБВИНЕТИ ВО СЛУЧАЈОТ СО ПЕТТЕ ТОНИ МАРИХУАНА

1

Двајца осомничени во случајот со шверцот на марихуана од Македонија кон Србија добија затворски казни по спогодби со Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Д.С. е осуден на 3,6 години затвор, додека А.И. доби 3,8 години затвор. И двајцата се спогодија со Обвинителството, ја прифатија одговорноста и се откажаа од правото на жалба, со што пресудите станале правосилни со нивното донесување. Според обвинителниот опис, Д.С. бил вклучен во организацијата и транспортот на канабисот, додека А.И. имал директна улога во управувањето со товарните возила со кои дрогата била транспортирана од Македонија кон Србија.

Станува збор за случајот од јануари кога запленетиот канабис кај Крушевац во Србија тамошните власти го поврзаа со земјава, по што МВР отпочна со масовна контрола и заплена на нелегална роба по магацините за преработка на канабис за медицински цели. Во пресудата која е прва за случајот, обвинителството опишува организирана група со поделени улоги, која во периодот од 2025 година до јануари 2026 година набавувала марихуана во Македонија, ја складирала, препакувала и ја транспортирала во Србија за понатамошна продажба. Во транспортите, според обвинителниот опис, биле користени товарни возила во чии царински декларации како товар била прикажувана друга стока – текстил, прехранбени производи и други производи.

Во Србија дрогата била складирана во областа Коњух кај Крушевац, каде според обвинението била препакувана и подготвувана за натамошна дистрибуција. Еден од транспортите бил реализиран во август 2025 година. При мерењата на камионот на македонско-српската граница биле утврдени разлики во тежината, а при враќањето на возилото во Македонија била констатирана разлика од 1.220 килограми. Во истиот транспорт, според обвинението, на еден од учесниците му биле дадени 10.000 евра за да ги внесе во Македонија.

И во следните транспорти се појавуваат слични шеми. Во нив А.И., според обвинителниот опис, ја имал улогата на возач на товарните возила. На 17 август, 30 септември и 6 ноември 2025 година А.И. управувал товарни возила со различно деклариран товар, меѓу кој торти, перници и јоргани. Во повеќе наврати, по враќањето од Србија, на учесници им биле предавани по 10.000 евра.

 

Улогата на А.И. била најдиректно опишана и во клучниот транспорт во јануари. На 13 јануари бил организиран превоз на поголемо количество сув цвет од канабис од просториите на фирмата „А.Г.“ во Скопје до локација во Свети Николе. Канабисот бил натоварен во камион „Ивеко“ и комбе „Мерцедес Спринтер“, а потоа префрлен во камион „МАН“. А.И. го управувал камионот со натоварената дрога при преминувањето на границата со Србија. Според пресудата, транспортот бил следен од повеќе лица со автомобили, а ГПС-уредот на камионот бил исклучуван неколкупати. Камионот се исклучил од автопатот кај Велика Дренова и продолжил кон Коњух, каде кутиите со марихуана биле истоварени во објект на фирма во Крушевац.

За Д.С., пак, обвинителниот опис го наведува неговото учество во организацијата и реализацијата на транспортите на канабисот, како дел од групата со поделени улоги. Тој е еден од лицата кои, според обвинението, учествувале во организирањето на транспортот и преносот на дрогата кон Србија.

Потоа А.И. продолжил кон Белград, но кај Ковиљ, во близина на Нови Сад, на 15 јануари околу 00:15 часот, приколката била запалена. Според обвинителниот опис, пожарот бил намерно предизвикан за да се прикријат трагите и недостигот на текстилната стока која во документацијата била наведена како товар за извоз во Велика Британија. По пожарот, А.И. пријавил дека приколката наводно сама се запалила.

Десетина дена подоцна, на 24 јануари, во Белград биле пронајдени 97,9 килограми марихуана, а на 29 јануари, при претреси во Коњух, биле пронајдени уште 4.911 килограми. Кај тројца обвинети во Србија вкупно биле одземени 5.009.186 грама, односно нешто повеќе од пет тони марихуана.

Но, заплената во Србија била само дел од количината што ја опфаќа предметот. При претресот во просториите на „А.Г.“ во Скопје, започнат на 31 јануари, биле пронајдени и одземени 9.635,810 килограми сув цвет од канабис, како и 833 шишиња од по два литри, 534 шишиња од по еден литар и 15 канистри од по 10 литри со непречистен раствор од суров екстракт од масло од канабис.

Според пресудата која е правосилна за обвинетите кои се спогодиле, фирмата „А.Г.“ имала дозволи за одгледување канабис за медицински цели и производство на екстракти. Во ноември 2025 година во фирмата биле донесени 8.832 килограми сув цвет од канабис, кој според обвинението бил набавен за неовластена продажба. Во декември бил препакуван во двојни вакуумски пакувања од по еден килограм и ставан во картонски кутии од по десет пакувања. За две недели биле спакувани повеќе од 200 кутии.

Во случајот се опишуваат и подготовките за транспортот – набавка на товарни возила, нивно префрлање на различни сопственици и нивно оставање во кругот на фирмата во Скопје. На 8 и 10 јануари биле набавени „Ивеко“ и „Мерцедес Спринтер“, кои подоцна биле користени во подготовката на транспортот на канабисот кон Србија.

Д.С. и А.И. се првите двајца за кои во овој предмет има пресуди врз основа на спогодба. Самиот предмет опфаќа повеќе лица и обвинителниот опис се однесува на организирана мрежа со поделени улоги во набавката, складирањето и транспортот на дрогата.(П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ