среда, август 5, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Тирана ги затвори границите за Валон Бела и Бекир Халими, Скопје без...

Тирана ги затвори границите за Валон Бела и Бекир Халими, Скопје без официјална нота и без детали

0

Албанските власти на 10 години им забранија влез на македонските државјани Валон Бела и Бекир Халими, повикувајќи се на безбедносни проценки и консултации со тамошните служби, но до овој момент македонските институции велат дека не добиле официјално известување за одлуката и не располагаат со конкретни информации за случајот.

Албанскиот министер за внатрешни работи Бесфорт Ламалари во емисијата „Тирана лајф“ на телевизијата АБЦ-њуз изјави дека одлуката за прогласување на двајцата за непожелни лица била донесена уште на 17 јули.

„Со оглед на сите факти што произлегуваат од активноста на двете лица, проценив дека е соодветно да се прогласат за непожелни лица за период од 10 години“, изјави Ламалари.

Тој рече дека одлуката била донесена „по информации и консултации со безбедносните агенции“, со цел, како што наведе, „одбрана на националниот интерес“ на Албанија. Ламалари не објави конкретни детали за активностите на лицата ниту за информациите врз кои се темели одлуката.

Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНР) за весникот Вечер информираа дека македонската Амбасада во Тирана не добила никаква официјална нота или известување за одлуката.

„До Амбасадата на Република Северна Македонија во Тирана, до овој момент, не е доставено никакво официјално известување или нота во врска со предметната одлука. Станува збор за интерна одлука на надлежните органи на Република Албанија, која не е дел од редовната конзуларна практика. Дополнително, не станува збор за лица со дипломатски статус, туку за физички лица“, велат од МНР.

Оттаму додаваат дека согласно меѓународната конзуларна практика, известување до македонските институции е задолжително во случаи на приведување или лишување од слобода на македонски државјани во Албанија, како и во случај на смрт на македонски државјанин на нејзина територија.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР), пак, на прашањето дали располагаат со информации за Валон Бела и Бекир Халими одговорија дека такви сознанија немаат.

„Во врска со вашите прашања ве известуваме дека МВР не поседува такви информации за лицата за кои прашувате“, наведуваат од МВР за ВЕЧЕР.

Од Агенцијата за национална безбедност (АНБ) не откриваат дали во овој конкретен случај имало размена на информации со албанските безбедносни служби.

„Агенцијата за национална безбедност како надлежна институција за превенција на ризици и елиминирање на закани по националната безбедност и безбедноста на граѓаните презема широк спектар на мерки и активности, меѓу кои и соработка со странски безбедносно-разузнавачки служби и организации согласно закон“, велат од АНБ за весникот Вечер.

Оттаму додаваат дека соработката се реализира и преку размена на информации кои се определени со степен на класификација и според домашното законодавство и законодавството на земјите со кои се врши размена, поради што не можат да споделат поконкретни информации.

Така, засега останува нејасно дали македонските безбедносни институции биле информирани за проценките врз основа на кои Албанија ја донела одлуката или станува збор за мерка донесена исклучиво врз основа на информации со кои располагаат албанските служби.

Валон Беља е познат во македонската јавност како поранешен економски директор на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје. На функцијата беше назначен во 2018 година, а разрешен во 2019 година поради нарушени меѓучовечки односи и јавни несогласувања со раководството на клиниката. Во јавноста беше присутен и по вооружен напад во Чаир во 2018 година, кога беше ранет во нога. Бекир Халими е оџа за кој се поврзува со различни радикални групи. Во 2016 година  врз основа на  сомнежи беше разрешен од Исламската верска заедница. (П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ