Во нашава правосудна арена, театарот на комедијата одамна ја презеде сцената, а актерите веќе не се ни трудат да ја скријат драматургијата зад костимите на правото. На една страна ја имаме извршната власт со веќе познатите популистички метафори и реформи на зборот, а на друга страна „забарикадираните судии кои ни со кран не се поместуваат“ и Обвинителството кое слободно може да се нарече јавно разводнителство. Вистинската трагедија во овој драматичен заплет не лежи само во агресивноста на политиката, туку во громогласниот, речиси сервилен молк на самите судии и нивната системска некадарност конечно да се наметнат како тоа што Уставот им одредил да бидат — рамноправна, носечка власт и неодминлив коректив на државниот апарат. Кога ќе ги споите овие слики во една, ја добивате комплетната, гротескна дијагноза на македонското правосудство, тотална контрола врз процесите однадвор и доброволна капитулација однатре, сите заедно завиткани во фолија на наводна грижа за народната правда.
Да почнеме од реториката што веќе со децении доаѓа од врвот на извршната власт. Функционерите на извршната власт гласно тврдат дека тие не се мешаат во судската власт, туку само гласно го пренесуваат гневот на граѓаните кога ги критикуваат судиите за нивните плати и кога се закануваат дека нема да има повисоки примања без резултати во борбата против корупцијата. Но, ако го тргнеме тој евтин популизам настрана, од правен аспект, ова е директен, загрижувачки упад во уставната поставеност на државата. Извршната власт ниту е ниту смее да биде орган за оценување на работата на судиите, а уште помалку арбитер кој ќе ги користи нивните примања како морков и стап. Законот за платите на судиите и Законот за Судскиот буџетски совет се кристално јасни, финансиската независност е поставена токму за да спречи секој иден политички моќник да ги уценува судиите преку нивниот џеб. Кога извршната власт јавно ги условува законски загарантираните права со субјективна оцена за „резултати“, тоа не е реформа на судството, туку отворено дисциплинирање. Затоа и Брисел во своите извештаи нотира дека ваквиот реторички притисок од високи владини функционери ја руши поделбата на власта, бидејќи кога политиката ќе почне да ги дели платите според тоа колку е задоволна од пресудите, правосудството престанува да биде независна власт и станува обичен владино-одделенски сервис.
Алармантната димензија на сето ова не е критиката или ставовите на извршната власт јавно изнесени, туку тоа е отсуството на одговор, громогласен молк од самата Судска палата. Наместо достоинствено и решително да ја искажат својата уставна тежина, Судскиот совет, здруженијата и истакнатите судиски авторитети повторно избираат молк или, во најдобар случај, плашливи, бирократски соопштенија, кои никогаш не ја преминуваат линијата на конфронтација. Со ваквото „свиткување на кичмата“, судската власт самата себеси се сведе на второразреден државен орган, наместо да функционира како заштитен бедем на законитоста и суштински надзор над самоволието на извршната власт. Оваа анемичност и неспособност да се постават како автономен столб на државноста им ја отвора вратата на политичарите без никаков отпор да го преземат приматот во судниците. Кога оние што треба да ја делат правдата, да правораздаваат, немаат храброст да си ја одбранат сопствената уставна независност, тие самите ја испорачуваат пораката дека се лесна цел за секој следен политички диктат.
Оваа системска капитулација најдобро се гледа кога вербалната борба за правда треба да се преточи во дејство на терен, каде што се случуваше со многу предмети од областа на организираниот криминал, особено оние обвиненија кои ги подигна некогашното СЈО. По години маратонски судења за незаконското финансирање и имотот на владејачката партија, во моментот кога предметот конечно дојде во завршна фаза, се активираа добро познатите системски механизми за негово разводнување. Преку ноќ, на обвинителката која го водеше предметот ѝ беа одземени овластувањата, а предметот му беше доделен на друг обвинител под проѕирното оправдување за воведување ред во евиденцијата. Секој што барем еднаш во животот влегол во судница, знае што значи менување на обвинител во завршна фаза на вака обемен и комплексен предмет, тоа значи купување време, враќање на процесот од почеток, пробивање на сите разумни рокови и отворање широка врата за апсолутна застареност. Истото тоа го видовме и со другите предмети, прво преку политичките измени на Кривичниот законик во 2023 година, кои беа класичен законодавен инженеринг за амнестија, а потоа преку неажурноста и процесното одолговлекување на Апелациониот суд. И сега се повторува истата матрица, само со друг механизам, преку обвинителски прераспределби, административни саботажи и премолчена согласност од судиските клупи.
Резултатот од ваквите политикантски и правосудни итарпејовски игри е поразителен. Македонското правосудство се наоѓа во колапс, распнато помеѓу извршната власт и сервилниот молк на судиите, што резултира со историски најниска доверба кај граѓаните од едвај 1 процент (ИРИ – Меѓународен републикански институт) до 9 проценти (Евротинк) и високи 73 проценти (World Justice Project) перцепција за корупција во редовите на судиите и обвинителите. Додека извршната власт врши директен притисок, што го потврдуваат 36 проценти од судиите кои пријавиле мешање во нивната работа (ОЕБС –Процена на ризици од корупција во судството), а 60 проценти од граѓаните веруваат во политичко влијание при изборот и напредувањето на судиите (World Justice Project), од друга страна, самата политика користи процесни дупки за спасување сопствени интереси. Најдобар пример за тоа беа измените на Кривичниот законик од 2023 година, кои директно амнестираа и застареа над 20 високи предмети за корупција со штета од десетици милиони евра (извештаи на граѓанскиот сектор и медиумски анализи). Наместо искрена реформа, јавноста е сведок на театар, каде што политичарите собираат поени преку закани по судиските плати, а судството со својот молк дава амин за сопствената маргинализација, но неоспорно е дека и едните и другите се заинтересирани за одржување на ваквата статус кво состојба од која не само политичарите туку и еден дел од судиите и обвинителите (особено оние избрани или унапредени со политичко влијание) имаат огромна корист.
И тука доаѓаме до суштината на проблемот и до парадоксот што ни го сервира секојдневието. Од една страна, извршната власт јавно ги напаѓа судиите и обвинителите, им се заканува со скратување на платите, ги обвинува за неработење и со тоа гради евтини политички поени кај револтираната јавност. Од друга страна, истата таа политика ги користи сите институционални и процесни дупки за да ги спаси сопствените партиски интереси и имоти од законска разрешница, додека судството премолчено ја одобрува сопствената маргинализација. Кога ќе ги споите овие две работи, станува јасно дека гласната критика кон судството од владините говорници не е искрена желба за реформа, туку обична завеса од дим, а молкот на судиите е нивниот сопствен амин врз ваквиот статус кво. Опасниот преседан во кој извршната власт се поставува како обвинител, судија и благајник, додека истовремено зад кулисите се демонтираат предметите за висока корупција со премолчена поддршка од самите судии и обвинители, го води правосудството во тотален колапс. Ако оние што ја предводат државата навистина сакаат правда, нема да им требаат ниту „кранови“ за поместување судии, ниту закани по нивниот џеб, туку реално да спроведат реформи со евалуација на работење на секој судија и обвинител, евалуација која ќе ја направи посебно тело во кое ќе учествуваат судии и обвинители кои се во пензија и без дамка и странски експерти, но исто така, ако оние што носат тоги навистина си ја почитуваат професијата, ќе престанат да бидат неми посматрачи, ќе го подигнат гласот и конечно ќе застанат во одбрана на Уставот, оти сè друго е само добро режирана претстава за народ со куса меморија.
(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)












