Во текот на денешниот ден, до 13:00 часот, во државата биле регистрирани вкупно седум пожари на отворен простор, од кои пет активни, додека два се под контрола.
Од Центарот за управување со кризи известуваат дека активни се пожарите во близина на Ѓоновички мост – Општина Гостивар, каде што гори ниска вегетација и ѓубриште, во селото Ранковце – Општина Ранковце, каде што гори ниска вегетација, во селото Кетеново – Општина Кратово, каде што гори ниска вегетација, грмушки и мешана шума, во селото Логоварди – Општина Битола, каде што гори слама во двор, како и во селото Руѓинце – Општина Старо Нагоричане, каде што гори ниска вегетација.
Под контрола, пак, се пожарите меѓу селото Зрновци – Општина Зрновци и селото Лески – Општина Виница, каде што гори стрниште и на градските гробишта во Неготино – Општина Неготино, каде што гори ниска вегетација.
Инаку, по три дена непрекината борба со огнената стихија, пожарот во кавадаречкото село Раец, вчеравечер е целосно изгаснат. Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, на социјалните мрежи соопшти дека во справувањето со пожарот учествувале голем број институции, служби, доброволци и жители, чија пожртвуваност и координација биле клучни за успешното гаснење.
– Во овие исклучително тешки моменти уште еднаш се потврди силата на солидарноста и несебичната посветеност на сите служби и поединци што деноноќно беа на терен во борбата со огнената стихија – наведе Јанчев.
Тој упати благодарност до Територијалните противпожарни единици од Кавадарци и Неготино, ЈП „Комуналец“ – Кавадарци, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, Општата болница Кавадарци, Шумското стопанство „Бор“, Министерството за внатрешни работи, Армијата на Република Македонија, ОВР Кавадарци, Граничната полиција – Југ, доброволните противпожарни друштва, како и до доброволците и жителите на селата Раец и Дреново.
– Вашата храброст, пожртвуваност и несебична поддршка беа од непроценливо значење за успешно надминување на оваа сериозна состојба. Заедно покажавме дека кога сме обединети, можеме да се справиме и со најголемите предизвици – нагласи Јанчев.












