Еден од најпознатите спортски објекти во земјава добива ново име и нов визуелен идентитет. Спортскиот центар „Борис Трајковски“ и Македонски телеком склучија партнерство, по што големата спортска сала официјално станува „Т Арена“. Со новото име доаѓа и целосно освежување на просторот во препознатливата магента боја на брендот „Т“.
Новата соработка, според надлежните, треба да донесе подобри услови за функционирање на арената, но и повеќе спортски, културни и забавни настани за граѓаните. Директорот на ЈУ Спортски центар „Борис Трајковски“, Даниел Апостоловски, вели дека ова е значаен чекор за понатамошниот развој на објектот.

– Ова е важен момент за нас, за „Борис Трајковски“ и за Македонски телеком, кој повторно се враќа како присутен партнер во оваа арена. Покрај визуелното уредување на надворешните и внатрешните простории, ова партнерство ќе ги подобри и условите за функционирање на „Т Арена“. Очекувам ова да биде долгорочна соработка, која ќе донесе позитивни резултати во иднина. Заедно ќе работиме на привлекување нови настани од областа на спортот, културата и забавата – изјави Апостоловски.
Од Македонски телеком велат дека целта е преку новото партнерство да се создадат дополнителни вредности за граѓаните и нови можности за организација на големи настани.

– Телеком веќе 25 години ги поврзува луѓето во Македонија, а со ова партнерство ќе се обидеме да донесеме нови вредности за граѓаните. Ни претставува чест да го одбележиме отворањето на „Т Арена“ со голем настан, кој ќе се одржи на 2 септември и ќе биде дел од одбележувањето на 35-годишнината од независноста на Македонија. Очекувам во оваа арена, во иднина ,заедно да ги славиме успесите на македонските спортисти, да организираме големи музички настани и да создадеме убави моменти за забава – рече извршниот директор на Македонски телеком, Горан Марковиќ.

Покрај големата сала, во рамките на спортскиот центар функционираат и мала спортска сала, лизгалиште, базен и аквапарк. Според директорот Апостоловски, се очекува аквапаркот да биде пуштен во употреба следната година, додека базенот во моментов не работи поради оштетување на покривната конструкција предизвикано од силното невреме што го зафати Скопје минатата недела.












