Со ребалансот на буџетот се обезбедени финансиски средства за исплата на директното плаќање во земјоделството за 2025 година, со што Владата најавува дека ќе се затвори циклусот на заостанати обврски кон земјоделците за изминатите години.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека целта е да се завршат исплатите на директното плаќање за периодот од 2021 до 2025 година и да се надмине состојбата со наталожените долгови и со неисполнетите обврски во повеќе сектори.
– Состојбата пред две години беше загрижувачка. Затековме неисплатени двегодишни програми, неисплатени плати во АД „Водостопанство“, „Национални шуми“, наследени долгови, празни акумулации, кои сега се исполнети речиси 70 отсто. Со ребалансот обезбедивме средства за намирување на овие обврски. Планираме да ги завршиме директните плаќања во земјоделството за 2025 година – изјави Мицкоски.
Тој нагласи дека со обезбедувањето на средствата се создаваат услови за поголема предвидливост за земјоделците и за нормално функционирање на земјоделските производители, кои во изминатиот период се соочуваа со доцнење на исплатите.
Во меѓувреме, во тек е пријавувањето за Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2026 година. Од Владата информираат дека и покрај одредени технички застои во процесот, проблемите се надминати и постапката продолжува.
Очекувањата се дека по завршувањето на пријавувањето ќе почне реализацијата на исплатите за новата програма, со што би се воспоставил континуитет во поддршката за земјоделците.












