Актерот, писател и музичар Игор Џамбазов е годинашен добитник на престижната награда „Васил Иљоски“, која ја доделува националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово за особен придонес во театарската уметност.

– Со особена чест и задоволство, фестивалот и Советот на фестивалот „Денови на комедијата 2026“ му ја доделуваат престижната награда „Васил Иљоски“ на Игор Џамбазов, истакнат актер, писател, музичар и еден од најпрепознатливите уметници на македонската сцена – изјави директорката на установата, Јоана Сарафимовска.

Од Центарот за култура наведуваат дека исклучителната актерска дарба на Џамбазов, неговиот препознатлив хумор и повеќедеценискиот придонес во театарската и културната уметност оставиле неизбришлива трага кај публиката, поради што заслужено се вбројува меѓу најзначајните имиња на македонската комедија.

Свеченото врачување на наградата ќе се одржи на 23 септември 2026 година, на отворањето на меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедијата“, во големата сала на Центарот за култура во Куманово.

Добитници на наградата „Васил Иљоски“ во изминатите години беа: Љубица Гојковиќ, Ѓорѓи Андов, Илија Струмениковски, Стојна Костовска, Благоја Чоревски, Коле Ангеловски, Сашко Коцев и Весна Петрушевска.

ИЗДВОЕНИ