среда, јули 22, 2026
Дома СВЕТ Амбасадорите на ЕУ не успеаја да постигнат договор за 21-от пакет санкции...

Амбасадорите на ЕУ не успеаја да постигнат договор за 21-от пакет санкции против Русија, Грција не го поддржа предлогот

0
Фото. 2025. EPA/RONALD WITTEK

Амбасадорите на земјите-членки на Европската унија денес не успеаја да постигнат договор за 21-от пакет санкции против Русија поради нејзината војна во Украина, изјави дипломат на ЕУ.

Според него, претставниците на земјите-членки ќе се состанат повторно во четврток во обид да се договорат за нов пакет рестриктивни мерки, објави „Ројтерс“.

Предложениот пакет, меѓу другото, предвидува нови мерки насочени кон рускиот банкарски сектор, со цел дополнително ограничување на можностите за финансирање на руската економија во време кога Брисел проценува дека рускиот финансиски систем е под зголемен притисок.

Сепак, главната пречка во преговорите стана Грција, која се стреми да ги ублажи веќе договорените ограничувања за увоз и трговија со руски течен природен гас (LNG), поради што сè уште не е постигната едногласна поддршка за новиот пакет санкции, соопшти агенцијата.

Грција е светска превозна сила, а транспортот на течен руски гас преку водите и пристаништата на ЕУ носи милијарди приходи.

Усвојувањето на санкциите во Европската унија бара согласност од сите 27 земји-членки.

Од февруари 2022 година, кога Русија ја започна војната во Украина, Европската Унија постепено воведува пакети санкции насочени кон рускиот финансиски, енергетски, воен и технолошки сектор, како и кон поединци и компании поврзани со Кремљ.

Пакетите досега вклучуваа исклучување на неколку руски банки од меѓународниот систем за плаќање SWIFT, замрзнување на средствата на руската централна банка, забрана за извоз на напредни технологии, ограничувања за увоз на руска нафта и јаглен, како и мерки насочени кон намалување на приходите на Москва од извоз на енергија.

Во претходните рунди на санкции, ЕУ за прв пат воведе ограничувања за претовар на руски течен природен гас (LNG) во европските пристаништа наменет за извоз во трети земји, но не воведе целосна забрана за увоз на руски LNG во земјите-членки, со оглед на различната енергетска зависност на поединечните членки, пренесе „Хина“.

ИЗДВОЕНИ