петок, јули 3, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Парите од скапата храна преку казни завршуваат во Буџетот, а граѓаните остануваат...

Парите од скапата храна преку казни завршуваат во Буџетот, а граѓаните остануваат со празни џебови

Потрошувачите бараат итни мерки за намалување на цените на храната и прашуваат кој ќе им ја надомести штетата од високите цени што ги плаќаа изминатите месеци. Од Министерството за економија и труд сѐ уште ги чекаат резултатите од анализите, кои треба да покажат дали се потребни нови мерки. Организацијата на потрошувачи на Македонија предупредува дека казните не ги дисциплинираат трговците и бара ограничување на трговските маржи, наместо само санкции кои не придонесуваат за поевтина храна

1

И покрај тоа што ограничувањето на цените и маржите не се пазарни мерки, сѐ погласни се барањата институциите да интервенираат за да ги заштитат потрошувачите од високите цени на основните прехранбени производи. Додека надлежните анализираат дали трговските маржи ги надминуваат законски дозволените или се повисоки од оние во регионот, граѓаните и понатаму плаќаат скапа храна. Од Организацијата на потрошувачи на Македонија предупредуваат дека не смее да се чека завршување на анализите, туку треба итно да се преземат привремени мерки за заштита на потрошувачите. Во меѓувреме, Агенцијата за храна и ветеринарство откри низа неправилности во квалитетот на дел од млечните и сувомесните производи, додека граѓаните сѐ почесто реагираат и на намалувањето на тежината во грамови на производите, без соодветно намалување на нивните цени.

Од Министерството за економија и труд за весникот ВЕЧЕР велат дека во тек се анализи кои треба да покажат дали има потреба од нови мерки и каков би бил нивниот опфат. Според нив, како држава со пазарна економија, можностите за директна интервенција во формирањето на цените се ограничени, па затоа одлуките ќе се темелат на податоците од анализите.

– Податоците од статистика не покажуваат енормно зголемување на цените на основните прехранбени производи. Дополнително, во изминатиот период беа на сила мерките за горивата, кои придонесоа за намалување на трошоците за производство и транспорт. Од 1 јули стапија на сила и пониски царински стапки за 70 суровини и репроматеријали што ги користи домашната индустрија. Очекувањата се оваа мерка индиректно да придонесе за намалување на производствените трошоци, а со тоа и да изврши притисок за стабилизирање на цените, велат од Министерството за економија и труд.

Во однос на трговските маржи, од Министерството потсетуваат дека постои законска регулатива која ги утврдува максимално дозволените маржи во трговијата на големо и на мало. Доколку инспекциските контроли утврдат дека трговците работат со маржи кои ги надминуваат законски пропишаните или неоправдано ги зголемиле цените, ќе бидат изречени соодветни санкции.

– Анализите ќе покажат дали има основ за дополнителни мерки. Доколку се утврдат неправилности или злоупотреби, институциите ќе постапат согласно со законските надлежности, додаваат од Министерството за економија и труд за ВЕЧЕР.

Од Организацијата на потрошувачи на Македонија сметаат дека казните, сами по себе, не се доволни за да ги заштитат граѓаните од високите цени на храната. Според нив, иако санкциите се неопходни за прекршителите, тие не носат директна корист за потрошувачите, кои и понатаму ја плаќаат високата цена на основните прехранбени производи.

-Трговците ќе бидат казнети согласно со Законот за нефер трговски практики, но парите од казните завршуваат во Буџетот и се користат за други намени. Досегашната практика покажа дека казните не ги дисциплинираа трговците. Тие ќе ја платат казната, а потоа повторно продолжуваат со истите практики. На крајот, тие пари се, всушност, од џебот на граѓаните, кои претходно платиле поскапа храна. Затоа сметаме дека се потребни конкретни мерки кои директно ќе влијаат врз цените, како што е ограничување на трговските маржи за основните прехранбени производи во период од најмалку три до шест месеци. Додека институциите со месеци прават анализи и процени, граѓаните секојдневно плаќаат повисоки цени. Потребни се итни мерки за заштита на потрошувачите, изјави за весникот ВЕЧЕР претседателката на Организацијата на потрошувачи на Македонија, Маријана Лончар Велкова.

Таа предупредува дека проблемот не е само во високите цени, туку и во квалитетот и во количеството на производите што се нудат на пазарот. Според неа, сѐ почеста е појавата граѓаните да плаќаат повеќе, а да добиваат производи со понизок квалитет или со намалена тежина во грамови.

Во меѓувреме, контролите на Агенцијата за храна и ветеринарство открија низа неправилности во квалитетот на дел од млечните и сувомесните производи, додека потрошувачите сѐ почесто реагираат на т.н. „скриени поскапувања“ – намалување на тежината на производите во грамови без соодветно намалување на нивната цена. Од Организацијата на потрошувачи предупредуваат дека ваквите практики дополнително го намалуваат животниот стандард на граѓаните и ја поткопуваат довербата во пазарот.

Граѓаните сѐ почесто се жалат дека секојдневното пазарување станува сѐ поголем товар за домашниот буџет. Велат дека денес е речиси невозможно да се излезе од продавница со помалку од 1.000 денари, а притоа да се купат само основните прехранбени производи. Леб, млеко, јогурт, јајца, масло, брашно, шеќер и неколку други неопходни производи се доволни за сметката на каса лесно да ја надмине оваа сума.

Според нив, цените на храната и натаму се високи, додека платите и пензиите не го следат тоа зголемување, па сѐ повеќе семејства се принудени внимателно да планираат што ќе купат и од кои производи ќе се откажат. Потрошувачите велат дека ги следат акциите и попустите, но и покрај тоа, трошоците за основните животни производи од месец во месец остануваат високи, што дополнително го намалува животниот стандард.

Мицкоски најави реакција поради повисоки маржи во маркетите

Нотирано е во одредени маркети зголемување на бруто-маржата споредбено со минатата година за 2 до 5 отсто, поради што ќе бидат повикани на состанок и јасно ќе им се укаже дека таквата практика е недозволива, истакна претседателот на Владата Христијан Мицкоски.

„Да бидам конкретен со пример – ако минатата година во јуни бруто-маржата била 10 отсто, сега е 12 или 15 проценти. Тоа се тие дополнителни 2 до 5 проценти и тоа нема да го толерираме. Ќе испратиме многу јасна порака до тие субјекти. Доколку тие се намалат, би имале најниска инфлација во Европа. Очекувам и стабилизирање на инфлацијата во јуни, со пониско ниво во споредба со мај и април“, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека за околу една недела треба да бидат објавени првичните параметри врз основа на податоците од Државниот пазарен инспекторат.

„Исто така работиме на анализа на група од 600 до 700 производи, каде што се разгледуваат влезно-излезните фактори, како и маржите кај дистрибутерите, производителите и ланците на маркети. Станува збор за посложена анализа која ја работиме и лично јас сум вклучен, па ќе ни треба малку повеќе време“, додаде премиерот.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ