Руските фарсери Вован и Лексус, познати по телефонските измами со политичари и јавни личности ширум светот, објавија видео во кое тврдат дека разговарале со Танос Докос, советникот за национална безбедност на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис. Автентичноста на разговорот засега не е официјално потврдена, но во снимката Докос наводно открива дека во следните месеци во Грција ќе се одржат избори и коментира чувствителни безбедносни прашања поврзани со Украина. Видеото, кое беше објавено вчера на платформата „Рамбл“, трае речиси 12 минути. Во него еден од двајцата руски комичари се претставува како претставник на кабинетот на украинскиот претседател, а главна тема на разговорот е украинскиот поморски дрон што неодамна беше откриен во Јонското Море, во близина на Лефкада. Според снимката, Докос вели дека е неопходно да постојат отворени канали на комуникација меѓу Атина и Киев и открива дека ден претходно во украинската престолнина престојувал директорот на грчката Национална служба за разузнавање. Во текот на разговорот, Вован и Лексус му сугерираат дека во украинскиот државен врв постојат несогласувања околу можноста за нови операции во грчкиот поморски простор.„Тоа е малку страшно“, вели Докос во видеото, објаснувајќи дека станува збор за туристичка сезона и период со интензивен бродски сообраќај. Најголемо внимание во грчките медиуми предизвика делот во кој советникот наводно зборува за политичките последици од евентуален нов инцидент. „Имајте на ум дека ќе имаме избори во следните месеци и еден таков инцидент би предизвикал значајни проблеми за грчката Влада“, се слуша во објавената снимка.
Засега нема официјална реакција од грчката Влада. Опозициската ПАСОК побара објаснување дали видеото е автентично и зошто Владата сè уште не излегла со официјален став. Од партијата оценуваат дека случајот отвора сериозни прашања за безбедноста и начинот на комуникација на највисоките државни функционери.Од ПАСОК порачаа дека оставката на Докос е единствениот излез, наведувајќи дека доколку разговорот е автентичен, советникот на премиерот изнесувал процени за изборите во Грција и информации поврзани со посетата на директорот на Националната служба за разузнавање во Киев.
Вован и Лексус, чии вистински имиња се Владимир Кузнецов и Алексеј Стољаров, со години се претставуваат како светски лидери, министри и високи функционери за да извлечат информации од политичари и јавни личности. Во јули 2019 година тие телефонски разговараа и со тогашниот македонски премиер Зоран Заев, претставувајќи се како тогашниот украински претседател Петро Порошенко и како генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Заев подоцна потврди дека бил жртва на телефонската измама.
На нивната листа се најдоа и британскиот принц Хари, поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, италијанската премиерка Џорџа Мелони, како и повеќе европски и светски политичари, најчесто преку лажно претставување како украински функционери или блиски соработници на светски лидери.












