Инспекциските служби на Општина Ѓорче Петров, во координација со припадниците на ПС Ѓорче Петров, спроведуваат засилени теренски контроли во околината на пазарот.
Од Општината информираат дека целта е обезбедување непречено користење на јавниот простор, почитување на законските прописи и спречување на негово неовластено заземање.
– Нема да се толерира узурпацијата на јавни површини. Нема да се дозволува нелегална продажба и препродажба. Јавниот простор им припаѓа на сите граѓани и правилата мора да важат еднакво за сите – децидни се од локалната самоуправа.
Оттаму додаваат дека продолжуваат со засилените инспекциски контроли и со координираните активности со надлежните институции, со цел воспоставување и одржување на редот, безбедноста и уредноста на јавните површини.
– Ѓорче Петров мора да биде уредна, безбедна и организирана општина, со ред и почитување на законите за сите – наведуваат од Општината.












