Во Дневниот центар за лица со аутизам во Штип денеска беше промовиран новоопремениот сензорен простор, наменет за поддршка на лицата со аутизам. Просторот е опремен како донација од Фондацијата „Д-р Верица Механџиска“, со цел да се создаде сигурна, пријатна и поддржувачка средина за корисниците на овој Дневен центар.
Вања Џамбазова, претставник од Општина Штип, истакна дека Центарот претставува сигурно место за децата и нивните семејства, а за негово непречено функционирање, Општината континуирано ги обезбедува сите потребни човечки ресурси, кои секојдневно и посветено работат.
– Со оваа опрема, условите за престој и развој на децата се подигнуваат на повисоко ниво. Овие сензорни соби се од огромно значење за стимулацијата, развојот и за терапијата на децата. Со заеднички сили меѓу Општината, граѓанскиот сектор и хуманите организации, градиме вистинска инклузивна заедница – наведе таа.
Наталија Митрева-Митев, директор на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Штип, рече дека опремувањето на сензорниот простор во Дневниот центар за лица со аутизам директно ги зајакнува капацитети за давање современи социјални услуги и им овозможува на вработените современи услови за работа.












