Иако со едноставен мебел, беше уживање да се гледа, особено страната каде што беа трите седумаголни соби. Нашиот потпокрив, исто така седумаголен, имаше кружни прозорчиња и наликуваше на соба во која е заробена некоја принцеза. До нашата соба се стигнуваше по тесни дрвени скали, кои почнуваа од внатрешното претсобје, а на нивото со потпокривот имаше огромна тераса, која немаше ограда, па многу не ја користевме – опишува Донка Долгоска.
Таа и две нејзини другарки од Прилеп, како студентки од Прилеп, живееле во изнајмена соба со зелената куќа.
Оваа куќа била изградена во 1921 година и се издвојувала по својот архитектонски изглед, нетипичен за македонскиот простор. Од нејзините прозорци се простирал еден од најубавите погледи на Скопје. Со текот на годините, необичниот изглед почнал да раѓа приказни за наводни клетви, за семејства погодени од несреќи, па дури и за чудни звуци што наводно се слушале во ноќните часови. Така зелената куќа постепено го добила епитетот „проколната“, репутација што ја следела со децении. За жал, таа денес не постои, бидејќи беше урната во 2012 година, со што исчезна едно од најубавите архитектонски богатства на Скопје без обид да се заштити како културно наследство

Скопје има една легенда за проколната куќа, која ја нарекувале „куќа на духови“. Оваа необична зелена вила се наоѓала на улицата „Востаничка“ во Црниче и постојано ја будела љубопитноста на скопјани. За жал, таа денес не постои, бидејќи беше урната во 2012 година, со што исчезна едно од најубавите архитектонски богатства на Скопје без обид да се заштити како културно наследство.
Оваа куќа била изградена во 1921 година и се издвојувала по својот архитектонски изглед, нетипичен за македонскиот простор. Куќата имала приземје, кат и потпокрив, со три исти седумаголни соби, секоја со по 24 квадратни метри. Од нејзините прозорци се простирал еден од најубавите погледи на Скопје. Со текот на годините, необичниот изглед почнал да раѓа приказни за наводни клетви, за семејства погодени од несреќи, па дури и за чудни звуци што наводно се слушале во ноќните часови. Така зелената куќа постепено го добила епитетот „проколната“, репутација што ја следела со децении.
Сеќавањата за неа длабоко се врежани кај Донка Долгоска, која живеела во неа непрекинато од 1973 до крајот на 1976, а потоа уште шест месеци во 1978, односно вкупно три и пол години. За весникот ВЕЧЕР, таа ја раскажа својата приказна за доживувањата во неа.
– Јас и две мои другарки од Прилеп, како студентки од Прилеп, барајќи подобар стан од претходниот, стигнавме на улицата „Востаничка“. Кога ја здогледав зелената вила, веднаш им кажав на другарките дека треба тука да прашаме за студентска соба. Тие со смеење ми рекоа дека луѓе во таков замок не издаваат соби под кирија, зашто, веројатно, се богаташи. Но, јас, сепак, затропав и го прашав младиот човек што излезе. Тој кажа дека е син на газдите и дека имаат соба за издавање во потпокривот, токму каде што се надевавме дека ќе живееме – вели Долгоска.
Потоа се запознале и со родителите, кои биле прилично возрасни луѓе, тетка Јелица и чичко Мисајло или Мисо како што го нарекувале. Тие потекнувале од Гостивар, а вилата ја купиле веднаш по земјотресот во 26 јули 1963 година. Претходно му припаѓала на некој доктор, кому му служела само како летна куќа. Околу неа биле лозја. Другите куќи подоцна биле изградени.
– Мисо и Јелица немале потреба ништо да реновираат. Се вселиле со своите тројца синови: Боре, Милош и Јордан. Наскоро Боре се оженил и отишол да живее во Гостивар, Милош се населил во приземните соби, а Јордан со родителите на катот – наведува Долгоска.
Таа со восхит вели дека внатрешноста на куќата била величествена.
– Иако со едноставен мебел, беше уживање да се гледа, особено страната каде што беа трите седумаголни соби. Нашиот потпокрив, исто така седумаголен, имаше кружни прозорчиња и наликуваше на соба во која е заробена некоја принцеза. До нашата соба се стигнуваше по тесни дрвени скали, кои почнуваа од внатрешното претсобје, а на нивото со потпокривот имаше огромна тераса, која немаше ограда, па многу не ја користевме – опишува Долгоска.
Газдите биле предобри луѓе и веднаш стекнале меѓусебна доверба. Тетка Јелица била учителка во пензија и најчесто везела гоблени на специјално разбојче на кое се оптегнувало платното.
– Разбојчето беше во претсобјето, како прв елемент од мебелот. Сè уште пред очи ми е сликата на ниската полничка женичка со убаво и мило лице, која постојано боцка со иглата – ги освежува Долгоска сеќавањата.
Чичко Мисо, нејзиниот сопруг, бил угостител, на времето дури имал и кафеана во Белград, која се викала „Дарданели”.
-Велеше, сакав да се вика „Босфор“, но веќе имаше кафеана со такво име И тој беше пензионер, неколку години постар од Јелица – остакна Долгоска.
Таа додава дека сите во куќата биле многу добри, човечни и културни и додека живееле таму, не се случило ништо од она што подоцна почнало да се плете како приказна.
– Сите живеевме како сложно семејство. Заедно пиевме кафе, муабетевме и често ѝ помагавме на тетка Јелица во средувањето на куќата – нагласува Долгоска.
Куќата била украсена со многуте гоблени што ги везела газдарицата.
– На ѕидот во седумаголната соба на катот стоеше „Тајната вечера“, огромен гоблен поставен наместо икона. Кога доаѓаше поп за некоја пригода или празник, обредот го извршуваше пред гобленот, а Јелица нè викаше и нас за да нè попрска попот и нас со светената водичка. Катот на кој живееја нашите газди имаше претсобје, од чија лева страна продолжуваа скалите до нашиот потпокрив, седумаголната голема соба, која беше и дневна, и кујна, и трпезарија, и спална соба. Во зима се грееја и готвеа на шпорет со дрва. Во лето, главното врталиште беше терасата на која имаше маса со столови и други предмети – вели Долгоска.
Тврди дека животот минувал многу мирно и пријатно, без никакво крцкање на ѕидовите, завивање, шепотење и слични измислени работи.
– По дипломирањето, сите три другарки се вративме во Прилеп, а по некое време, јас пак дојдов во Скопје зашто имав интересна работа во најава. Повторно се населив во мојата соба на потпокривот. Живеев сама, без никаков страв од што било – продолжува Долгоска.
Таа потенцира дека почнале да се плетат приказните откако починале старите газди.
– Синот Јордан се ожени и отиде да живее во Србија. Подоцна дознав дека загинал Милош во сообраќајна несреќа. По некое време, Јордан и внуците му ја продале куќата на некој доктор, кој набрзо ја препродал бидејќи не можел да ја одржува. Не знам кој бил најновиот сопственик, но знам дека сосема ја запуштил, па куќата почнала едноставно да се рони и да добива застрашувачки изглед. Набрзо станала засолниште на разни структури на луѓе, на наркомани и слично. Од 1979 година, јас почнав да работам како новинар во МТВ и долго немав ништо слушнато за куќата, освен дека е продадена – заврши Долгоска.
Соња Манисиевска-Конеска, пак, вели дека „куќата на духовите“ или зелената куќа, како што ја нарекувале во Црниче, ѝ бил предизвик уште од детството.
– Живеев во Кисела Вода како дете, па ќе се качевме на ритчето и, од бочната страна, долго ја гледавме. Си правев приказни. Јас лично не верувам дека постоеле духови во неа. Само беше направена во готски стил, што мене ме воодушевуваше, а тука е и мистиката. Сега е веќе урната, но ако некогаш имав шанса, ќе ја купев и ќе ѝ дадев светлина. Ете толку ми беше особена – вели таа.
(А. П.)












