недела, август 9, 2026
Дома СКОПСКА Паркот „Авионче“ ќе биде центар на уличната гастрономија и на музиката

Паркот „Авионче“ ќе биде центар на уличната гастрономија и на музиката

1

Од 4 до 8 септември, Аеродром повторно ќе биде центар на добрата храна, македонската музика и на урбаната забава. Од 4 до 8 септември нè очекуваат пет вечери исполнети со нови вкусови, македонска музика и незаборавна атмосфера. „АЕРО Стрит фуд фестивал 2026“ оваа година ќе биде поголем, позвучен и поразновиден од кога било досега.

Второто издание на „АЕРО Стрит фуд фестивал 2026“ пристигнува во уште поголем формат, со побогата гастрономска понуда, позвучна музичка програма и со содржини наменети за посетителите од сите генерации.

Во текот на петте фестивалски дена, посетителите ќе може да уживаат во разновидни специјалитети подготвени од повеќе од 15 познати гастрономски имиња, меѓу кои: „Мастакос“, „Лорас суши“, „Фет кичен“, „Џоџоуз бар-бекју“, „Ољоз“, „Ноа гирадико“, „Скуп“, „Бистро 64“, „Смаш бургер“, „Сорел“, „11: илевен“, „Сутлијаш бар“, „Трансилваниско трдло“, „Пица Вајс сити“, „Дестан“, „Милки“ и други.

Од бургери, такоси и гиро, преку суши и разновидни интернационални специјалитети, па сè до десерти, годинашното издание носи значително побогата понуда и можност секој посетител да го пронајде својот омилен вкус.

– „АЕРО Стрит фуд фестивал 2026“ и оваа година останува доследен на својата определба да им даде простор исклучиво на македонските изведувачи и да ја промовира домашната музичка сцена. На фестивалската бина ќе настапат познати музички имиња, бендови и диџеи, со програма што опфаќа повеќе жанрови и е наменета за различни генерации – велат организаторите.

Секоја фестивалска вечер ќе понуди настапи на бендови во живо и диџеј-сетови, за што ќе се погрижат: „Саут парк“, „Рингтоунс“, „Допамин“, „Марбл“, „Акустик дивижн“ со трибјут посветен на Владо Јаневски, Милан Серафимов, Александар Јорданов, „Јанко петел јаваше“, диџеј Марко, диџеј Васо, диџеј Ризински, Флуер, диџеј Гардијан и диџеј Фичо. Фестивалот ќе заврши со настап на диџеите од „Шур шотс“ и специјален трибјут посветен на ДНК.

– Со спојот на квалитетна улична храна, македонска музика и одлична атмосфера, фестивалот има цел да создаде вистинска урбана приказна и препознатливо место за дружење на семејствата, младите и на сите љубители на добрата забава – потенцираат организаторите.

Настанот е поддржан од Општина Аеродром и од Град Скопје, кои ја препознаваат неговата улога во збогатувањето на културната и забавната понуда на градот, како и во поддршката на домашните изведувачи и на локалната гастрономска сцена.

ИЗДВОЕНИ