четврток, јули 23, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Kанцеларија на СОС Детско село за поддршка и советување за родители и...

Kанцеларија на СОС Детско село за поддршка и советување за родители и деца во Кавадарци

54

Во Домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци, денеска, беше отворена канцеларија за поддршка и советување за родители и деца. Тоа значи дека родителите и децата од Кавадарци и од Вардарскиот Регион, ќе може да се обратат за бесплатна поддршка и советување во канцеларијата на СОС Детско село во Кавадарци.

Свеченото отворање на просториите е дел од проектот „Право на семејство II – Подобрување на пристапноста, достапноста и квалитетот на згрижувањето и услугите во заедницата во Албанија, Ерменија, Белорусија, Северна Македонија и Украина“, кој има за цел да придонесе кон подобрување на пристапноста и квалитетот на услугите за децата и семејствата, како и кон јакнење на системот за поддршка во заедницата.

Иницијативата предводена од СОС Детско село е во соработка со општина Кавадарци.

Градоначалникот, Митко Јанчев, за време на свеченото отворање, ја истакна важноста на ваквите услуги кои даваат поддршка на семејствата и нагласи дека семејството е темел на секое здраво општество и оти навремената поддршка за родителите и децата претставува важна инвестиција во иднината на заедницата. Притоа, ја нагласи важноста од соработката меѓу локалната самоуправа, институциите и граѓанскиот сектор во создавањето услуги кои директно придонесуваат за благосостојбата на граѓаните.

– Општина Кавадарци и понатаму останува посветена на поддршка на иницијативи кои придонесуваат за подобар квалитет на живот, унапредување на менталното здравје и зајакнување на семејните вредности – наведе тој.

Претседателот на Управниот одбор на СОС Детско село, Александар Трајковски, додаде дека отворањето на советувалиштето претставува значаен чекор кон јакнење на услугите во заедницата.

Националната директорка на СОС Детско село, Јулијана Накова-Гапо, потсети дека организацијата оваа година одбележува 25 години работа во Северна Македонија, инвестирајќи континуирано во развој на услуги кои им помагаат на семејствата и ги поддржуваат децата.

Во рамките на настанот беа презентирани придобивките од советувањата за родители и деца, улогата на училиштата во промовирањето на позитивното родителство, како и искуства на корисници на услугите на СОС Детско село.

Ученици од Кавадарци преку рецитал и уметнички настапи испратија пораки за важноста на љубовта, разбирањето и сигурноста во растењето на секое дете.

Канцелариите за поддршка и советување на родители и деца работат секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот, а заинтересираните може да добијат повеќе информации на телефонскиот број: 078 287 254.

ИЗДВОЕНИ