На жешкото австралиско сонце македонската пејачка Татјана Лазаревска сака на плажа

241

Додека во Европа се есен и зима!

Европа и Америка почна да ги стега студеното есенско-зимско време, а во исто време, на јужниот дел од Земјината топка, почнува жешкото лето. За нашата фолк-пејачка Татјана Лазаревска, која живее и работи заедно со семејството во Австралија, овој дел од годината е најпосакуван. Таа ја сака плажата од рано изутрина, го сака синиот океан и сака да одмора под жешкото сонце, сепак, максимално заштитена со чадор. Кожата ѝ е нежна, како што е самата таа, па се плаши од изгореници од сонцето.      Само изутрина е на плажа, а другиот дел од денот, нормално, кога е слободна за викендите, најчесто е дома, под климата за разладување.

Неодамна, за еден важен тамошен настап, Лазаревска го смени имиџот. Од долга црвенокоса, сега е со кратка русокоса фризура. И веднаш предизвика лавини реакции и тука, кај нас, во Македонија. Татјана веќе некое време често ја средува кратката коса на најразлични начини, а во текот на кариерата, и често ја менува бојата. Во Македонија беше пред две години, кога успешно настапи со сопругот на „Охридски трубадури“.

Инаку, Татјана или нагалено Таци е во 20-годишен брак со музичарот Новица Василевски, некогашен пејач во групата „Биоритам“. Семејството вредно работи во Мелбурн, од понеделник до петок. Татјана работи како воспитувачка во една детска градинка, го научи англискиот јазик, а Новица вози автобус во јавниот градски сообраќај. За викендите, и понатаму пеат, најчесто на забави кај нашите иселеници. Ги имаат сега возрасните и школувани синови Петар и Стефан, на кои, како родители, се многу горди.   Д.М