Поради барањата за подобри услови за работа, поголем број вработени и исплата на прекувремените часови, грчките царински службеници вчера организираа штрајк што предизвика големи гужви и повеќечасовни чекања на граничните премини со Македонија.
Синдикатот на царински службеници на Грција со штрајкот протестира против сериозниот недостиг на персонал, неплатените или недоволно платените прекувремени часови, како и, според нив, исцрпувачките услови за работа. Од синдикатот предупредуваат дека недоволниот број вработени сериозно го отежнува функционирањето на царинските служби и бараат итни мерки од грчката влада за подобрување на условите за работа и кадровско зајакнување.
Поради штрајкот, вчераутро работата на царинските служби на повеќе гранични премини беше привремено прекината, што доведе до долги колони и застои. На патничките возила им беше дозволено да поминуваат само на секои 10 минути, додека товарниот сообраќај беше целосно запрен во двата правци.
Посебниот режим важеше на копнените гранични премини Евзони (Богородица), Дојрани (Дојран) и Ники (Меџитлија).
Ограничувањата беа на сила од 5 до 9 часот по македонско време, односно од 6 до 10 часот по локално време во Грција.
„Патничките возила ќе бидат пропуштани на секои десет минути, додека товарниот сообраќај ќе биде целосно суспендиран во двата правци. На патниците им се препорача да го планираат патувањето поради можност за подолг престој на граничните премини и редовно да ги следат информациите од надлежните институции за состојбата на терен.
Штрајкот резултираше со повеќечасовни чекања, особено на преминот Евзони, каде што се создадоа километарски колони од возила кои чекаа за влез и излез од Грција.












