Формула 1 отсекогаш била многу повеќе од трки. Покрај најбрзите болиди и најдобрите возачи во светот, овој спорт со децении беше симбол и на гламурот, луксузот и на спектаклот. Еден од неговите најпрепознатливи симболи беа таканаречените грид девојки, кои речиси шест децении беа неизбежен дел од секој тркачки викенд.

Сè се промени на почетокот од сезоната 2018, кога новиот сопственик на Формула 1, компанијата „Либерти медија“, донесе одлука целосно да ја укине оваа традиција. Образложението беше дека таквата практика повеќе не се вклопува во современите општествени вредности и дека спортот сака да испрати порака за поголема инклузивност и еднаквост.

Грид девојките првпат се појавиле кон крајот на 1960-тите, во Јапонија, кога моделот Роза Огава станала заштитно лице на спонзорите на трките. Во текот на 1970-тите, оваа практика се проширила низ целиот свет и станала составен дел од Формула 1.

Нивната улога не беше само естетска. Тие ги носеа таблите со имињата и со стартните броеви на возачите, ги придружуваа тимовите на стартниот грид, држеа чадори за да ги заштитат возачите од сонцето и учествуваа во протоколот пред доделувањето на трофеите.

Одлуката за нивно повлекување предизвика бројни реакции. Голем дел од навивачите сметаа дека Формула 1 загубила дел од својот препознатлив идентитет и многумина возачи јавно ја критикуваа одлуката. Меѓу најгласните беше четирикратниот светски шампион, Себастијан Фетел, кој сметаше дека се работи за непотребен потег. Пјер Гасли изјави дека грид девојките се дел од ДНК на Формула 1 и од гламурот што го прави спортот особен.

Кими Раиконен, во својот препознатлив стил, кратко порача дека никој не го прашал за мислење, но дека девојките само ја разубавувале атмосферата на патеките.

Легендарниот Ники Лауда беше уште поостар. Тој оцени дека забраната е „целосно луда“, нагласувајќи дека на жените им се одзема можноста самостојно да ја изберат професијата што сакаат да ја работат.

Поранешниот прв човек на Формула 1, Берни Еклстоун, исто така жестоко ја нападна одлуката на новите сопственици, оценувајќи дека спортот непотребно се откажал од една долгогодишна традиција.

Интересно е што токму преку оваа работа многу модели подоцна изградија успешна кариера на телевизија, во манекенството и во шоу-бизнисот. Меѓу нив се Кејти Прајс, Мелинда Месинџер, Џоди Марш, Луси Пиндер, Ријан Сагден, Кили Хејзел и многу други.

По забраната во 2018 година, поранешните модели Ребека Купер и Лорен-Џејд Поуп јавно протестираа, тврдејќи дека никој не ги прашал за мислење и дека им е одземена работа што доброволно ја избрале.

Иако дебатата околу ова прашање сè уште повремено се отвора, шансите грид девојките повторно да се вратат во Формула 1 се речиси непостојни. И ФИА и „Либерти медија“ остануваат цврсто на ставот дека спортот треба да продолжи во насока на модернизација, оставајќи една од неговите најпознати традиции засекогаш во историјата.

ИЗДВОЕНИ