Директорот на ФИА, Николас Томбазис, призна дека Светската автомобилска федерација уште во 2022 година била свесна за потенцијалните проблеми што ќе ги донесат новите правила во Формула 1, но тогаш било предоцна за суштински измени.

Регулативите за 2026 година предизвикаа бројни критики, особено поради големата зависност од електричната енергија. Возачите како Макс Верстапен и Оскар Пјастри јавно изразија незадоволство, оценувајќи дека болидите загубиле дел од својот препознатлив карактер.

Томбазис истакна дека ФИА ги слушала забелешките на возачите, но промените биле ограничени поради договорите потпишани со производителите на погонски единици уште во 2022 година.

  • Кога пристигнаа првите симулации, знаевме дека постојат одредени проблеми, но веќе беа вложени огромни средства и не можевме лесно да ги смениме правилата – изјави Томбазис.

Тој објасни дека секоја поголема измена морала да добие поддршка од најмалку четири производители на мотори, што било речиси невозможно во практика.

Според него, инсистирањето на речиси рамноправен однос меѓу моторот со внатрешно согорување и електричниот систем било клучно за задржување и за привлекување нови производители, меѓу кои и „Ауди“.

Томбазис нагласи дека без тие правила, Формула 1 ќе ризикувала да остане со само два производители на мотори, што би било уште поголем проблем за шампионатот.

И покрај критиките, функционерот на ФИА смета дека сезоната понудила многу интересни трки и борби на патеката, иако признава дека сегашните правила оставиле простор за подобрување во иднина.

ФИА веќе работи на нов пакет регулативи за 2027 или 2028 година, со цел да се решат слабостите што станаа очигледни со воведувањето на новата технолошка ера.

ИЗДВОЕНИ