Што да прави принцот Ефтим кога за еден ден сакаат да го крунисаат, а тој воопшто не сака да биде крал – сака да биде поет? Да драми и да ѝ кука на сестра си Евгенија, се разбира! Ефтим случајно наоѓа магиски прирачник и не сакајќи, во обид да избега од крунисувањето, се претвора во кукавица. Евгенија го води кај Баба Јага, старата мудра вештерка, за да го врати во човечка форма. Но, таа е среде „спа-декада“. Баба Јага им поставува задачи што мора да ги исполнат пред да му помогне на Ефтим, сите во служба на лекување болно цвеќе. Ова е кратката содржина на новата претстава на Театарот за деца и младинци „Патот на Баба Јага“ во режија на Хана Миленковска, а според текст на Хана Корнети, која премиерно ќе може да се проследи на 24 јуни во 19:00 часот, а веќе следниот ден е репризата во рамките на „Скопско лето“, во истиот термин.
Како што посочуваат од Театарот, низ исполнувањето на задачите, децата запознаваат нови карактери, учат за човештвото и за природата.
Во претставата играат: Никола Наковски, Анастасија Ласовска, Симона Спировска, Емра Куртишова-Стојанова, Петар Стојанов и Изабела Новотни.
– Драго ми е што поставуваме праизведба на современ македонски драмски текст за деца, напишан на македонски јазик, кој не е превод од некој странски автор. Притоа, ја имавме привилегијата да ја имаме авторката со нас во процесот и се надевам дека ќе успееме да создадеме заедно едно силно, кохерентно дело за децата на возраст меѓу 9 и 14 години, кои се, за жал, една од најмалку застапените возрасни групи на публика во детските театри – посочи, меѓу другото, режисерката Миленковска.
Авторката Хана Корнети, пак, истакна дека почетната верзија на текстот постои од 2018 и дека ова е нејзино прво драмско дело што се изведува на театарската сцена.
– Целата приказна има еколошка заднина, но важно за денешните деца, кои, за жал, се израснати со екрани и брзо добивање информации, е да се покаже низ процесот на главниот лик, Ефтим (Никола Наковски), дека работите што вредат и работите што остануваат со нас бараат труд, време и страдање. Исто така, сметам дека живееме во време кога се уништува сè што е убаво во човекот и сè што е убаво во природата, во светот околу нас. Мислам дека оваа претстава се труди, меѓу другото, да му се посвети на негувањето на убавото во нас и на убавото во светот околу нас – посочи Корнети.
Актерот Наковски посочи дека текстот нуди многу пораки и може да се извлечат многу работи.
– Јас ќе се задржам на прашањата за идентитетот, кој го открива и осознава Ефтим преку претставата и, на некој начин, расте. Во претставата се измешани три жанра, има апсурд, реализам, мјузикл – посочи Наковски.
Од Театарот велат дека претставата ќе го привлече вниманието не само на целната група на публика туку и на повозрасните.
Композитор е Ади Имери, кореографијата е на Бобан Русески, Иван Ивановиќ е костимограф, а сценографијата е на Кирил Василев. (Д. Т.)












