Во оваа колумна ќе изнесам дел од мудрите поуки на верскиот и политички лидер на тибетскиот народ, Далај Лама. Етичкото учење на Далај Лама е насочено кон индивидуалните аспекти на среќата и кон начелата што придонесуваат за напредок на заедницата. Тој предупредува дека најголемата опасност за глобалниот мир произлегува од политичките лидери и од економските моќници, кои имаат ниска свест за општото добро. Неговата препорака е да бидеме приемчиви за сите луѓе, а не само за најблиските. Грижата и помагањето на лицата што најмногу страдаат треба да биде еден од приоритетите во животот. Ако сакаме навистина да бидеме среќни, постои само еден пат: патот на доблеста. Темелот на доблеста е во моралната дисциплина. Во Тибет постои изрека што вели дека одењето по патот на доблеста е исто толку тешко како и водењето магаре на рид. Задачата не е лесна, бидејќи доблеста се гради чекор по чекор, исто како што се гради куќа – тула по тула.
- Универзалната етика е клучот на доброто и хармонично живеење
Кога се грижиме за екосредината, тоа значи дека се грижиме и за животот.
Според Далај Лама, „жителите на сиромашните земји страдаат поради претерувањето и неумереноста на богатите земји, како и од загадувањето што го носат нивните нечисти технологии. Ако продолжиме со непочитувањето на туѓото право на среќа, нема долго да чекаме на воочувањето на штетните последици. Да го замислиме интензитетот на загадувањето што може да се случи поради вклучувањето дополнителни 2 милијарди автомобили во сообраќајот. Ова е една од причините на моето уверување дека треба целосно да се преиспита културата на постојаниот економски раст. Фанатичната предаденост на материјалниот развој влијае негативно врз екосистемот и го занемарува и запоставува интересот на пошироката заедница“.
Ориентацијата кон создавање економска превласт и тоталната подреденост на материјалното негативно влијаат врз одговорноста и чесноста во односите. Штетата што им се нанесува на луѓето во име на идеологијата, религијата и на технолошкиот развој, предизвикува општо чувство на несигурност и создава негативни последици за Земјата. Далај Лама смета дека со деградирање на духовните и етички вредности, невозможно е религијата, политичката економија, бизнисот и сличните дејности да бидат означени како чисти. Наместо да му служат на човештвото, тие стануваат деструктивни. Излезот е во практикувањето на универзалната етика, во хуманоста и во имањето чувство за општото добро.
„Економската нерамноправност што владее во светот укажува дека постојат области во кои некои луѓе фрлаат храна, додека на други места има луѓе слични на нас и недолжни деца што се принудени да копаат по ѓубриштата и да гладуваат. Решението е богатите да покажат интерес за сиромашните, болните и за слабите. Голема штета е да се трошат материјалните привилегии на ниски страсти или на површни задоволства“.
Далај Лама потенцира дека поседувањето огромен материјален капитал не е гаранција за мир, хармонија и среќа во животот. Негов впечаток е дека луѓето што живеат во технолошки развиените земји се многу незадоволни и фрустрирани од начинот на своето живеење. Овој факт го објаснува парадоксот дека „постојат луѓе што се незадоволни и покрај својата материјална благосостојба, како и оние што се среќни и покрај тешките животни околности“. Со својата опсесивна зависност од материјалното, некои од богатите пласираат лажна слика во своето опкружување. Иако оставаат впечаток дека водат успешен и пријатен живот, тие честопати живеат со чувството на недостиг и имаат страв од неуспех. Далај Лама забележал дека нема ништо погрешно во желбата да се поседуваат материјални добра и да се ужива во животот. Поседувањето е дел од човековата природа. Проблемот, вели Далај Лама, не е во материјализмот, туку во прифатената претпоставка дека целосната среќа доаѓа исклучиво од телесните задоволства и од акумулирањето материјални добра. Треба да разбереме дека овие задоволства се краткотрајни и траат сè додека не се роди некоја нова желба или едноставно не исчезне интересот за нив. Затоа во македонските народни умотворби се вели дека премногу арно не е на арно.
Не треба да дозволиме да помине животот покрај нас додека планираме материјално да се збогатиме и кариерно да напредуваме. Поврзаноста со луѓето е подеднакво важна за одржување стабилно психофизичко здравје.
Психоаналитичарот и социјален филозоф Ерих Фром тврдел дека најосновен страв на човештвото е заканата да се биде издвоен од другите луѓе. Тој верувал дека искуството на издвоеност, првпат доживеано во детството, е главен извор на сета анксиозност во човечкиот живот. Одвојувањето, напуштањето и меѓучовечката загуба се во самиот корен на искуствата исполнети со страв, тага и со жал.
- Единствениот можен пат до вистинската среќа лежи во нас самите
Вистинската среќа е производ на внатрешниот мир. Тој не зависи од надворешните околности, туку од нашето интимно чувство на среќа и исполнетост.
Од нашиот став кон надворешните околности зависи дали ќе постигнеме внатрешен мир. Најчесто не можеме да влијаеме врз надворешните околности, но можеме да влијаеме врз нашиот став кон надворешното опкружување.
Славниот холивудски актер, Ричард Гир, кој е посветен будист, има кажано: „Будистичката филозофија се базира на работа што сите треба да ја завршиме. Треба да ја согледаме и да се соочиме со нашата негативност, како што се љубомората, приврзаноста кон работите, омразата, лутината. Со една систематска работа, може да успееме да ги трансформирате недостатоците во квалитети“.
Без оглед на животните борби и тешкотии, Далај Лама препорачува храбро дејствување и јасна согледба на негативните околности. Во период на криза, стрес и на тешкотија, првата опција е да се соочиме со проблемот и да не стравуваме од чувството на скршеност и од својата емоционална ранливост. Втора опција е да отидеме на излет или на годишен одмор и целосно да го игнорираме проблемот. Трета можност е да ги преиспитаме причините за страдањето, да бидеме самокритични и да воспоставиме соодветен пристап за надминување на кризата.
Ништо не правиме со бегање и со игнорирање на проблемот, туку најдобро е да работиме на личната надградба и да станеме одговорни за своите постапки.
Во тој правец се и размислите на големиот индиски мудрец Шантидева: „При соочувањето со проблемите од кој било вид, важно е да не дозволиме да бидеме духовно парализирани. Треба да ја испитаме природата на самиот проблем. Ако пронајдеме можност за решение на проблемот, тогаш не постои причина за немир. Задача на умот е да ја посвети целата своја енергија за излез од кризата. Ако откриеме дека природата на проблемот не нуди решение, тогаш нема причина за грижа. Доколку на кој било начин и со какви било средства не можеме да ја промениме состојбата, тогаш грижата уште повеќе ќе го зголеми страдањето“.
- Живот со тело на болка
Премногу често, ние ја продолжуваме нашата болка, ја одржуваме во живот, повторно и повторно размислувајќи за нештата што емоционално нè повредиле. Ги повторуваме болните сеќавања, надевајќи се дека некое чудо ќе ја подобри состојбата, но ретко се случува тоа. Кога веруваме дека проблемите се постојани, не можеме да учиме од промените.
Филозофот Хераклит рекол: „Никој не влегува двапати во иста река, зашто ниту реката е иста ниту тој е истиот човек“. Универзумот постојано се менува, а и ние со него. Колку и да се големи болките и страдањата, тоа не значи дека тие постојано ќе го разнебитуваат нашето битие. Проблемите што ни задаваат болка не траат вечно, освен ако самите не решиме да им го продолжиме векот на траење.












