Во животот, најважно е да внимаваме кон кого се насочуваме и какви избори правиме. Од голема важност е да контактираме со лица што влијаат позитивно на нашата личност. Самите избираме кому ќе му веруваме и за што ќе се застапуваме.
Од тебе зависи дали ќе избереш да живееш во гнев, во незадоволство, во фрустрација, во копнеж, во незнаење, во омраза, во страв, во заслепеност, во љубомора итн. Изборот го правиш ти! Можеш да избереш виталност, радост, ведрина, позитивен дух, себеспознание итн. Ти избираш дали ќе му дадеш предност на позитивното или, пак, постојано ќе се окупираш со негативното.
Од луѓето зависи дали ќе се определат за позитивната енергија, за создавањето, за благопријатноста или, пак, ќе се ориентираат кон негативизмот, себичноста и деструкцијата. Не можеме да знаеме каква е душевната состојба на човекот што се определил за негативното. Но, знаеме нешто друго. Душевната состојба на човекот што се определил за позитивното секогаш е витална, исполнета, радосна и насочена кон светлината на постоењето.
Секој постапува врз основа на своите свест, совест и навиките што ги стекнал во текот на животот. Секогаш треба да внимаваме во контактот со лицата што зрачат негативно. Најопасно за психофизичката состојба на нашата личност е да им дозволиме енергетски да нè цицаат и емоционално да нè дисхармонизираат.
Мошне важно е да се ориентираме кон сето она што буди мир и позитивна енергија во нас и да имаме верба дека ќе биде подобро. Позитивно ќе постапиме ако ја повторуваме во себеси мантрата: „Без оглед на тешкотиите и притисоците, вербата и волјата ме одржуваат и ме водат напред“.
Бог или судбината честопати ги доведува луѓето до крајната граница на издржливост. Во Библијата пишува дека верниците поминуваат низ болки и страдања, но кога ќе биде најпотребно, Бог ќе им помогне со милоста своја. Исус Христос има кажано: „Сакајте и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви отвори“. Треба душата да ги почувствува овие вредности, а не умот. Се појавува психофизичка криза доколку не верува човекот ниту во Бога, ниту во верата, ниту во духовноста, ниту во законот на позитивната енергија, туку живее со законот на отпорот и манифестира малодушност и празнотија на духот. Таквиот поединец размислува песимистички и се чувствува апатично: „Не вреди да се надевам и да мислам позитивно, бидејќи страдањата се неизбежни, а проблемите пресилни“.
Никој не успеал целосно да избега од проблемите.
Проблеми и промени секогаш ќе има, тие се составен дел од животот. Клучот е да бараме решение за излез од проблемите и да се фокусираме кон сето она што нè хармонизира и нè подига како личност. Најважно е да иницираме лична промена и да се ослободиме од вибрациите на негативната енергија. Сѐ додека не се ослободиме од предрасудите, негативните ментални шеми на размислување и погрешните убедувања, многу тешко ќе постигнеме личен развој и хармонија.
Во зен приказната „Преполна чаша“, се зборува за потребата да се стекнеме со длабоки знаења, самовредност и самопочит, кои ќе го направат нашиот живот посреќен и поисполнет.
Нанин, јапонски учител на зен, еден ден бил посетен од некој универзитетски професор што имал желба да се распрашува кај него за животната филозофија на зенот. Нанин го послужил со чај. Откако му ја наполнил чашата на својот гостин, продолжил и натаму да налева. Професорот набљудувал како се прелева чашата, но кога веќе не можел да се воздржи, рекол: „Полна е. Повеќе не може да собере“. „Како и оваа чаша“, рекол Нанин, „така и ти си полн со сопствени убедувања, со разни предрасуди и претпоставки. Како би можел да ти го објаснам зенот ако претходно не ја испразниш својата чаша?“
Поуката е дека погрешните убедувања и сопствените предрасуди може максимално да нè оддалечат од личниот развој и од вредностите на животот, така што со ослободување од нечистите мисли и емоции во голема мера ги зголемуваме шансите за напредување.
Некој нè убедил дека помалку вредиме; друг ни наметнал дека не сме доволно паметни, убави и материјално ситуирани за да успееме; ние сме се убедиле самите себеси дека не вреди да дејствуваме, да се надградуваме или, пак, да воспоставиме коренити промени во своето живеење.
Од голема важност е да ги развиваме сопствените вредности и да ја практикуваме поуката: „Чувај се себеси од другите и чувај ги другите од самиот себе“.
Ниското ниво на самодоверба, стравот, немирот и тагата не може да донесат напредок и хармонија во животот. Основно е ментално да се ослободиме од сето она што е непродуктивно и да создадеме простор за сè што е позитивно. Подобро е да отвориме „бел лист хартија“ отколку да останеме со животната страница исполнета со многу фрустрации, заблуди и дисхармонична ориентација.
Својот ум треба да го прочистиме и да го ослободиме од штетните матрици на размислување со цел хармонично да функционираме. Во будизмот се смета дека нечистотиите (отрови) произлезени од алчноста, љубомората, заслепеноста, копнежот, гневот, стравот и од незнаењето му се најголеми непријатели на духот на човекот. Тие се негативни ментални обрасци што стојат на патот на внатрешниот мир, го попречуваат личниот развој, ја заматуваат свеста и го создаваат страдањето.
Кога сме обземени од алчност, тогаш ништо не ни е доволно. Откако ќе го добиеме тоа што го посакуваме, сè уште не сме задоволни и сакаме да акумулираме уште поголеми материјални добра. Во денешно време, алчноста е во подем, така што треба да бидеме максимално внимателни за да не влеземе во одредена релација со лице што манифестира алчност, себичност и духовна неосвестеност. Љубомората е комплексна емоција што е насочена кон другите, нејзината манифестација се изразува низ гнев, тага, чувство на отфрленост, одмазда, презир, безвредност, несигурност, потиштеност. Подложноста на љубомора може да ни создаде сериозни проблеми и да нè оддалечи од мирот и хармонијата во животот. Мошне е опасно за нашиот дух да бидеме заслепени и заведени од некои лица и од некои состојби што само навидум изгледаат привлечно. Преувеличувањето на туѓиот авторитет и потиснувањето на личната самовредност се пат што води кон зависност, фрустрираност и подреденост.
Негативната енергија е најсилна кај лицата што постојано манифестираат гнев и незадоволство од состојбата во која се наоѓаат.
Кога си под удар на гневот, ти не може да бидеш среќен, смирен и опуштен.
Како што напишал јапонскиот зен монах Шунмио Масуно: „Гневот прави да се разлутуваме и од најситните и најбезначајни нешта, а откако еднаш ќе се разгори во нас, го пренесуваме и на другите“.
Незнаењето е производ на ниската самосвест, недоволното образование, неосмисленото постапување и на непознавањето на суштината на нештата.
Во Индија, како и во Кина, ученоста и ерудицијата исклучително биле ценети, бидејќи се сметало дека високиот степен на знаење и добродетелта се во тесна корелација. Во индиската филозофија се потенцира дека незнаењето и копнежот се причина за сите болки, страдања, заблуди и грешки со кои човекот го нарушува внатрешниот мир. Проблемите се појавуваат кога имаме ниско ниво на себеспознание и несвесност за реалноста во која се наоѓаме. Решението е во проникнувањето во сопствените вредности и во отстранувањето на копнежот што не можеме да го оствариме, односно во прифаќањето на состојбите што не можеме да ги промениме.
Голема мудрост и духовна воздигнатост е да успееме да го неутрализираме влијанието на нечистите мисли и емоции произлезени од гневот, алчноста, љубомората, заслепеноста, копнежот, стравот и од незнаењето. Ќе го постигнеме тоа ако вложуваме во надградбата на својата личност, го зајакнуваме духот, создаваме благородни цели и практикуваме вредности што иницираат мир во душата.
(авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)