Кога ќе одлучи да ги контролира своите мисли, човекот е на пат да владее со себе. Нашите мисли обично нè контролираат нас и придонесуваат да се чувствуваме убаво, позитивно и исполнето или негативно, напнато и дисхармонично.
Негативното размислување му е најголемиот непријател на внатрешниот мир. Кога се преокупираме со неубави нешта и дозволуваме песимизмот, несигурноста и стравот да го зафатат нашето битие, максимално ги намалуваме шансите за среќа и за напредок во животот.
За да ги оствариме своите цели, неопходно е да бидеме водени и стимулирани од позитивните мисли. Човекот што мисли негативно, ослободува деструктивна енергија, која може да му го уништи поривот за напредување и да го направи ранлив, малодушен и подложен на надворешните влијанија. Како зрачиме енергетски, такви нешта привлекуваме. Кога испраќаме негативни мисли, го активираме негативното во себе и стануваме приемници за неубави нешта во животот.
Постои закон за привлекување, тој овозможува сличностите да се пронаоѓаат и привлекуваат.
Луѓето со сличен карактер се држат заедно, особено доколку се духовно осознаени и ги препознале повисоките основи на своето постоење.
Во време на материјализам и на константни искушенија поврзани со ниските страсти и со егото, исклучително е тешко да се пронајде личност што го цени моралот, ги практикува начелата на верноста, посветеноста и искреноста и ги следи духовните вредности на живеењето. Сепак, шансата за градење релација со вредна и позитивна личност најчесто зависи и од нашето вложување во позитивните вредности, од афирмативното размислување и од доследноста на самите себеси – да го добиеме тоа што го заслужуваме.
Вистинската среќа ретко е чин на изненадување, туку речиси секогаш е процес на вложување. Кога вложуваме во самите себе, веруваме дека ќе биде подобро и не дозволуваме негативните лица и ситуации да придонесат да скршнеме од вистинскиот пат, тогаш ширум ја отвораме портата за среќните моменти на постоењето.
Човекот што манифестира оптимистички мисли, го активира импулсот на надежта и врз основа на законот на привлечноста се вклучува на фреквенцијата на позитивните вибрации, почнува да ја отвора можноста за афирмативни случувања и за позитивни постигнувања во животот.
Нашите мисли се во тесна корелација со духовната состојба на личноста, така што ако се опфатени мислите со страв и песимизам, тогаш и резултатите ќе бидат поразителни, за разлика од мислите исполнети со оптимизам, надеж и со визија, кои секогаш носат позитивни резултати. Од друга страна, кога сме во фаза на немир, тага и меланхолија, не произведуваме позитивни мисли, туку сме полни со чемер, јад и со несигурност.
Позитивната емоција создава виталност, радост, среќа и исполнетост.
Емоциите во нашето тело се јавуваат како физички манифестации на нашите мисли. Сомнежот, гневот и стравот им се најголемите непријатели на позитивните емоции. Кога долго време живееме со нив, тие стануваат наше секојдневие од кое многу тешко може да се откачиме, бидејќи нè оневозможуваат да преземеме одговорност и да отвориме поубава страница во животот.
Среќата во нашиот живот зависи од квалитетот на сопствените мисли. Кога го тренираме умот да го гледа и да го бара позитивното во сè, тогаш сфаќаме дека сè е за доброто на нашата душа, која понекогаш е принудена да учи од лошите моменти и од негативните влијанија на околината. Силината на карактерот, волјата и на духот се зајакнуваат во искушенијата и во борбите со непријателските околности на судбината. Сјајот од светлината не би го почитувале толку многу ако претходно не сме биле загубени во темнината.
Меѓусебната поврзаност е многу битна за здравјето на луѓето, но таа не треба да се форсира таму каде што ја нема.
Асоцијацијата е дека некои лица зрачат со негативна енергија и треба максимално да бидеме внимателни во контактот со таквите поединци. Одредени личности со своето присуство ни го разубавуваат денот, додека други енергетски нè исцрпуваат и ни предизвикуваат немир и нервоза. Негативните емоции што траат долго го менуваат нивото на важни хемиски соединенија во мозокот, со што се буди негативно расположение, а резервите на енергија рапидно се исцрпуваат и ни предизвикуваат константен психофизички замор и премаленост. За успешно да одиме напред во животот, неопходно е да ги заздравиме енергетските повреди што ни оставиле стравови од минатото и што ни предизвикале чувство на несигурност и емоционална ранливост.
Вљубувањето – решение за стресот.
Амигдалата е мозочен центар на стравот што се активира кога сме под емоционален набој и во состојба на гнев и стрес. Таа е „спремиште“ на емоционалното паметење, така што колку повеќе им подлегнуваме на неубавите настани, толку поретко ќе успееме да ги контролираме афектот и негативната енергија. Доколку често сме под стрес и сакаме да се одмориме од стравовите и од негативните вибрации, доволно е да се вљубиме, бидејќи љубовта ќе овозможи да го активираме хормонот на среќата, серотонинот. Од негативната енергија акумулирана во нашата личност ќе успееме да се ослободиме доколку станеме свесни за емоционалните реакции: интензивен гнев на ненамерна навреда, жал поради грешки во минатото или длабока тага кога нè напушта некој. Излезот од внатрешниот немир и од негативните емоции ќе го пронајдеме ако бидеме сталожени и не им подлегнуваме на туѓите провокации; ако согледаме како се чувствуваме во односите со другите луѓе; ако станеме свесни за мислите, импулсите и за реакциите што ги манифестираме кон себе и кон другите лица.
Треба да развиваме позитивна слика за самите себе.
Во животот од исклучителна важност е да ги актуализираме сопствените вредности, но и да ги преиспитаме ситуациите во кои се чувствуваме несреќно, нереализирано и несигурно. Ако сликата што ја имаме за себе е слика на инфериорност, неуспех и недораснатост на ситуацијата, тоа не значи дека вечно ќе остане така. Сè може да биде променето и подобрено, само треба да веруваме во себе и да ја пронајдеме вистинската инспирација, која ќе нè влече напред во животот. За еден тоа е љубовта, друг вредноста ја пронаоѓа во кариерата, знаењето или во креативноста, трет се определува да им докаже на блиските дека вреди и ништо не може да го спречи да ја оствари целта и да се реализира во животот.
За што и да се одлучиме, неопходно е се ослободиме од негативните мисли, да завршиме со неубавите искуства од минатото и да веруваме дека со промената на самите себе ќе станеме личност на победата, успехот и среќата. Со негување на афирмативниот пристап и на самодовербата, концепцијата на песимизмот: не знам како; не можам и нема да успеам ќе ја замениме со сликата што ја имаме за себе, содржана во зборовите „можам“, „умеам“ и „ќе постигнам“.
Абрахам Линколн има кажано: „Оние што чекаат, можеби ќе добијат нешто, но тоа ќе бидат само остатоци од оние што не чекаат“. Суштината е да сфатиме дека изминува времето со брзина на светлината и дека еден ден кога ќе се свестиме што пропуштаме, може да биде доцна за да ги промениме нештата во кои се наоѓаме. Секогаш треба да имаме на ум дека постојат лица за кои сето богатство на светот е безвредно, бидејќи немаат здравје или време да уживаат во него.
За да не станеме како нив, треба да бидеме среќни со самото тоа што постоиме, зашто сè додека постоиме, имаме шанса да ја промениме состојбата во која се наоѓаме и да ги оствариме нештата што ги посакуваме. Заклучокот е да бидеме благодарни за сето добро што го добиваме и со позитивната сила на мислата да ги придвижиме нештата кон хармоничната патека на судбината.
(авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)












