недела, август 23, 2026
Дома LIFE ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Љубов кон себе си

ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Љубов кон себе си

0

Психологот Мартин Селигман ја осмислил фразата „научена беспомошност“. Овој израз го потенцира чувството на апатичност и беспомошност при соочувањето со надворешните сили, кои ни го обликуваат животот. Клучниот збор е „научена“. Без оглед што сите ние сме подложни на разни надворешни влијанија, сепак, не се раѓаме со чувство на „беспомошност“. Со текот на животот, сме го попримиле тоа убедување. Добрата вест е дека од него, исто така, можеме да се ослободиме. Потребно е само да го „репрограмираме“ својот ум и да стекнеме навики кои афирмативно ќе влијаат врз нашата личност. Како што кажува една кинеска поговорка: „Оние што велат дека нешто не може да се направи, не би требало да го прекинуваат оној што го прави тоа“. Впрочем, животот не е она што ќе ви се случи, туку она што го размислувате и чувствувате во мигот на сегашноста.

„Карактерот не може да се развива во мир и тишина“, рекла Хелен Келер. „Само низ искушенија и страдања, може душата да се зајакне, видот да се разбистри, амбицијата да се вдахнови и успехот да се постигне“. „Кога среќата ќе ни затвори една врата, често ни отвора друга, но ние понекогаш знаеме предолго да гледаме во затворената и да не ја забележиме отворената“. Овие мисли на Хелен Келер потенцираат дека првенствено треба да се фокусираме кон самите себе, да иницираме силна волја и да веруваме дека ќе успееме. Проблемите не треба да ги гледаме како непремостлива препрека, туку како шанса да го зајакнеме карактерот и да иницираме промени што водат кон мирот и хармонијата.

„Поради темнината е измислена ламбата“, напишал Виктор Иго. Само кога ќе го прифатиме фактот дека проблемите се катализатори на напредокот, ќе почнеме помалку да се грижиме и со поинакви очи да гледаме на животните проблеми и тешкотии.

Победниците учат од своите грешки и продолжуваат да се обидуваат, губитниците ги повторуваат истите грешки повторно и повторно, сѐ додека, на крајот, не се откажат. Како што рекол филозофот Кикерон: „Секој може да погреши, но само идиот истрајува во своите грешки“.

  1. Верувај во себе и напредувај

Лошо е кога подлегнуваме на туѓите негативни согледби и почнуваме да се сомневаме во сопствените способности. Чувството на вина, посрамотувањето и навреденоста се емоции кои длабоко го поткопуваат мирот на човекот и го блокираат неговото напредување. Духовно воздигнатите поединци избираат да не прифаќаат навреди – тие стојат на позицијата дека она што го мислат другите си е нивно мислење, и ништо друго.

Кога непотребно се потценуваме, живееме со грижа на совест и чувство на вина и кога се потиснуваме и ставаме на последното место, тогаш поседуваме многу ниско ниво на самопочитување. Постигнувањето на позитивен баланс помеѓу телото, умот, емоциите и духот претставува најголем предизвик на постоењето.

Секој од нас се наоѓа во постојана борба на умот против телото, односно моралните наспроти неморалните искушенија. Кога ниските страсти господарат со умот, стануваме робови на тие телесни желби. Слично на тоа, постојано водиме внатрешна борба дали нашиот рационален ум ќе преовлада над нашите емоции. Луѓето кои им дозволуваат на емоциите да раководат со нивното однесување, стануваат робови на своите емоции. Не можеме во целост да ги одвоиме емоциите од мислите, но можеме да се определиме за позитивните емоции какви што се љубовта, радоста и надежта. Целта е да постигнеме самоконтрола и да не дозволиме негативните емоции какви што се љубомората, лутината и тагата да го загрозат нашето битие.

Треба да се програмираме со самовредност и да се сакаме себеси, за да имаме исполнувачки однос со другите лица. Најважно е да бидеме автентични, приврзани и верни на сопствените вредности. Позитивниот однос кон самите себе е клучен за да се чувствуваме убаво и да создаваме хармонија во релациите. Основно е да знаеме дека луѓето кон нас ќе се однесуваат онака како што ние сме ги научиле да се однесуваат кон нашата личност. Ако не се заштитиме самите себеси, ќе нема кој да нѐ заштити од разните напливи на лоши влијанија.

Сите ние сме приматели на разни вибрации кои можат продуктивно и афирмативно да влијаат врз нашата личност, но исто така, можат да предизвикаат да се чувствуваме неубаво и истоштено на енергетски план.

Во психологијата, ширењето емоции од една личност на друга се нарекува „социјална зараза“. Честопати ги примаме туѓите стравови и неубави вибрации. Нашата анксиозност може да се активира со обичен разговор со некоја друга анксиозна личност. Тоа укажува дека лесно можеме да бидеме под удар на туѓата негативна енергија.

Некои луѓе со своите широко отворени рецептори се „чистачи“ (интуитивни емпати). Тие имаат способност за апсорбирање на негативната енергија на другите и за прочистување на нивната аура. Тоа може психофизички да ги исцрпи и да ги доведе до депресија.

  1. Решението е повеќе да се цениме и да се сакаме себеси

Треба да станеме селективни во примањето на туѓите вибрации и што повеќе да ги прочистуваме сопствените стравови и негативни емоции. За да се усогласиме со својот живот, мора да бидеме присутни во него и постојано да акумулираме позитивни вибрации. Надополнувањето на креативната енергија е важно, исто како и спознанието како да не  „прегориме“ за тотално небитни нешта.

Енергетскиот психотерапевт Џудит Орлов потенцира дека најголемите непријатели на мигот на сегашноста се зависноста од премногу работа и техноочајувањето (слушање „жалопојки“ преку телефон и „висење“ на социјалните мрежи). Иронијата е во тоа што не сме научени да ја чуваме позитивната енергија и забавувањето да го сметаме за доблест. Капитализмот нè принудува да одиме што побрзо и да работиме што повеќе, наметнувајќи трка за што повеќе пари, престиж и успех. Ги тероризираме резервите на својата суптилна енергија, просто повикувајќи ја болеста. Треба да вежбаме сочувство кон самите себе и да ги утврдиме приоритетите што придонесуваат за нашето чувство на мир, среќа и исполнетост. Тоа значи дека не мора сè да завршиме денес. За одржување на енергетскиот потенцијал на нашата личност, најважно е да научиме да кажуваме „не“.

  1. Самопотиснувањето – причинител на болест

Добрите луѓе, оние што компулсивно ги ставаат туѓите очекувања и потреби пред своите и кои го потиснуваат негативното чувство, се појавуваат со хронична болест во мојата ординација, укажува д-р Лидија Темошок. Причината е јасна: потиснувањето ја намалува човековата способност да се заштити од стрес. Научниците заклучиле дека потиснувањето треба да се гледа „како однос ум-тело, а не само како ментална конструкција“.

Лошо програмирање на умот постои кога автоматски пројавуваме: постојана грижа за емоционалните потреби на другите, а притоа ги игнорираме сопствените; круто се идентификуваме со општествената улога, должност и одговорност; манифестираме прекумерна, надворешно фокусирана мултитаскинг хиперодговорност, заснована врз убедувањето дека мора да го оправдаме своето постоење со работење и давање; избегнуваме здрава, самозаштитна агресија и гнев; негуваме и компулсивно исполнуваме две верувања: „јас сум одговорен за тоа како се чувствуваат другите луѓе“ и „никогаш не смеам никого да разочарам“. Според д-р Габор Мате, овие карактеристики на личноста најчесто се присутни кај луѓето со хронични болести. Сите тие зборуваат за самопотиснување.

Најважно е да го водиме својот живот според насоките на умот и да престанеме емоционално да се изместуваме поради негативните влијанија на другите.

Заклучокот е дека треба постојано да инвестираме во личниот развој и повеќе да се цениме и да се сакаме самите себеси.

(авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)

 

 

ИЗДВОЕНИ