Во понеделникот, Кремљ ја отфрли идејата на украинскиот претседател Володимир Зеленски за двогодишен прекин на огнот што би овозможил одржување претседателски избори во Украина, наведувајќи дека Москва бара сеопфатен мировен договор, а не привремено примирје.
„Ве молам, кажете му на Путин: дајте ни два месеца, 60 дена целосен прекин на огнот, и ние ќе организираме избори“, рече Зеленски во неделата за време на гостувањето во емисијата „This Week“ на телевизијата „Еј-би-си“.
Сепак, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, им изјави на новинарите дека Русија не сака привремена пауза во борбите.
„Во Кремљ, и претседателот Путин и функционерите на други нивоа постојано изјавуваа дека не сакаме прекин на огнот. Ние сакаме траен мир и подготвени сме да направиме сè што е потребно за да го постигнеме тоа“, рече Песков.
Песков изјави дека рускиот претседател Владимир Путин би бил подготвен да нареди прекин на нападите врз Украина на денот на изборите, под услов Киев навистина да има намера да ги одржи изборите, пренесе „Танјуг“.
„Претседателот веќе зборуваше за ова, но во овој случај, можам со целосна одговорност да изјавам во негово име дека ако Киев навистина сака да одржи избори, тогаш претседателот на Руската Федерација – врховниот командант – ќе биде подготвен да издаде наредба да не се напаѓа Украина на денот на изборите“, рече Песков во изјавата за новинарите, која беше објавена на профилот на Кремљ на платформата „Икс“.
Песков изјави дека на Киев му е потребен шеесетдневен прекин на огнот не заради изборите, туку за да ги залечи раните и да ја продолжи војната, пренесува РИА Новости.
„Киев всушност не сака да одржи избори – тоа е сосема очигледно – и не им е потребен 60-дневен прекин на огнот за избори, туку за прегрупирање, лекување на раните и продолжување на војната“, рече Песков.












