Вечерва, љубителите на небесните појави ги очекува вистински спектакл. Во вторник, на 24 ноември, небото го осветлува „Месечината на дабарот“ (Beaver Moon), а ноемвриската полна месечина оваа година е особено интересна бидејќи претставува и „супермесечина“.
Тоа значи дека, за време на својата полна фаза, Месечината е релативно блиску до Земјата, поради што изгледа поголема и посветла од вообичаено. Во споредба со најмалата полна месечина во годината, супермесечината може да изгледа до 14 отсто поголема и до 30 отсто посветла.
Зошто се нарекува „Месечина на дабарот“?
Полната месечина во ноември традиционално е позната како „Месечината на дабарот“. Ова необично име го добила поради периодот од годината кога дабрите интензивно се подготвуваат за зимата – градат засолништа и собираат залихи храна за студените месеци што претстојат.
Кога може да се види „Супермесечината на дабарот“ во Македонија?
Според астрономските податоци, Месечината ја достигна својата полна фаза денес, на 24 ноември, во 15:53 часот (по средноевропско време). Во Скопје, таа изгреа во 15:39 часот – непосредно пред зајдисонцето (16:07 часот), и ќе биде видлива во текот на целата ноќ сè до утринските часови.
За набљудување на оваа небесна појава не ви е потребна никаква посебна опрема. Најдобро е да најдете место од каде што погледот кон небото не е попречен од високи згради, дрвја или ридови, а доколку излезете надвор од градското светлосно загадување, глетката ќе биде уште повпечатлива.
Месечината може да добие прекрасна портокалова нијанса
Покрај својата привидна големина, вечерашната Месечина може да нè воодушеви и со својата боја. Кога се наоѓа пониско над хоризонтот, таа добива златни, жолти и интензивни портокалови нијанси.
Ова се случува бидејќи светлината што се одбива од Месечината поминува низ подебел слој од Земјината атмосфера. Притоа, сината светлина повеќе се распрснува, овозможувајќи до нашите очи да допрат повеќе црвени и портокалови тонови. Магијата на глетката ја дополнува таканаречената „месечева илузија“ – оптички феномен поради кој Месечината изгледа значително поголема кога се наоѓа близу хоризонтот (во близина на дрвја, куќи или други објекти), отколку кога е високо на небото.
Ако облаците ви попречат да го видите овој небесен спектакл вечерва, не грижете се: во текот на следните неколку вечери, Месечината за голото око сè уште ќе изгледа речиси целосно полна.
И ако баравте добра причина за вечерна прошетка, природата денес ви нуди токму таква.












