Поддршката за германскиот канцелар Фридрих Мерц падна на историски најниско ниво. Дури 88 отсто од граѓаните се незадоволни од неговата работа, покажува најновата анкета на агенцијата „Форса“ (Forsa). Истражувањето, спроведено од „Форса“ за телевизиските канали RTL и ntv, открива дека само 11 отсто од испитаниците се задоволни од работата на лидерот на конзервативната Христијанско-демократска унија (CDU).
Ова претставува пораст на незадоволството за два процентни поени во споредба со минатата недела. Станува збор за најнискиот рејтинг некогаш забележан за некој германски канцелар откако се вршат вакви мерења. Ова го надминува претходниот негативен рекорд од 23 отсто, поставен во 2024 година од претходникот на Мерц, Олаф Шолц.
Незадоволството е видливо и во рамките на неговиот сопствен конзервативен блок ЦДУ/ЦСУ, каде што 60 отсто од поддржувачите не се задоволни од работата на канцеларот, додека 39 отсто го поддржуваат. Меѓу гласачите на коалицискиот партнер, Социјалдемократската партија (СПД), незадоволството е уште поизразено: 86 отсто се незадоволни, додека само 13 отсто се задоволни.
Во меѓувреме, рејтингот на партиите остана непроменет. Десничарската партија „Алтернатива за Германија“ (АфД) продолжува да води со поддршка од 26 отсто – пет процентни поени пред блокот ЦДУ/ЦСУ, кој има 21 отсто. По нив следуваат Зелените со 16 отсто, СПД со 13 отсто и партијата „Левица“ со 11 отсто. Либералната ФДП, со поддршка од 4 отсто, останува под изборниот праг од пет отсто, потребен за влез во парламентот.












