Во филијала на банка во германскиот град Цинциг, во сојузната покраина Рајнска област-Пфалц, во тек е заложничка криза, а полицијата објави дека во објектот има неколку напаѓачи и заложници, вклучувајќи го и возачот кој ги транспортирал парите.
Полицијата изјави дека била информирана за инцидентот околу девет часот и дека силни полициски сили, вклучувајќи специјални единици, биле испратени на местото на настанот, додека хеликоптери летале над градот, пренесува RTS.
Според Bild и Spiegel, возило за транспорт на пари пристигнало утрово пред филијала на банка во центарот на градот, а има сомнеж дека непознат маж пресретнал и му се заканил на еден од вработените во банката кога влегол во неа.
Полицијата објави дека, според досегашните информации, напаѓачите и најмалку еден заложник се во трезорот на банката.
-Во моментов се претпоставува дека во банката има неколку сторители и заложници. Еден од заложниците е возачот на транспортот на пари, изјави портпаролот на полицијата.
Пошироката област на центарот на градот беше блокирана, а полицијата апелираше до граѓаните да го избегнуваат тој дел од градот.
Полицијата не ги коментираше наводите што кружат на социјалните мрежи дека некои осомничени можеби се во бегство, со образложение дека од тактички причини деталите од операцијата не се откриваат во јавноста.
Засега не е познато колку лица има меѓу заложниците или дали напаѓачите се вооружени.












