петок, јуни 5, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Закажано судењето за Стојанче Јовановски

Закажано судењето за Стојанче Јовановски

Случај Ивана и Катја

1258

На 30 овој месец е закажан стартот на судењето за сопругот на Ивана Јовановска која на 2 март се фрли од балконот со детето во раце и двете починаа на лице место. Стојанче Јовановски е обвинет за три кривични дела, Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1 и во врска со член 45, односно телесни повреди сторени како продолжено дело на семејно насилство, потоа Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1, како и кривично дело – Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик.

Според Кривичен законик, за делата што му се ставаат на товар на обвинетиот предвидените казни поединечно достигнуваат и до 10 години затвор за најтешкото кривично дело. Сепак, во конкретниот случај не станува збор за просто собирање на казните, велат адвокатите со кои се консултиравме. Судот изрекува една единствена казна, при што како основа се зема најтешкото дело – наведување и помагање во самоубиство. Во таква ситуација судот, под претпоставка, може да ја зголеми казната над максималната предвидена за тоа дело, но во законски утврдени граници. Практично, тоа значи дека иако збирот на казните би достигнал значително повисок број години, реалната максимална казна што може да биде изречена во ваков случај најчесто се движи до околу 15 години затвор, велат познавачите на КЗ.

Судењето ќе го води судијата Ивица Стефановски познат во јавноста по судењето за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежев.

Обвинетиот Јованосвки, на 2 март, на повеќе локации во Скопје, при вршење семејно насилство физички ја нападнал својата сопруга, удирајќи ја со шлаканици и тупаници, при што ѝ нанел телесни повреди и во еден момент таа изгубила свест. Истиот ден, на паркинг зад Основен кривичен суд Скопје, ѝ упатил сериозни закани по нејзиниот живот, предизвикувајќи чувство на страв и несигурност.

Според обвинението, обвинетиот подолг период сурово и нечовечно постапувал кон оштетената, која била во зависна и подредена положба. По стекнување на сопственост врз станот во кој живееле, започнал со психичко и физичко малтретирање, кое во 2025 година ескалирало.

Тој често ја тепал и навредувал, и дома и на јавни места, дури и пред нивната малолетна ќерка, заканувајќи ѝ се дека ќе ја избрка и ќе ѝ го одземе детето. На критичниот ден, по нов бран насилство и закани, жената се вратила дома со детето со намера да си замине. Но, доведена во состојба на тешка психичка вознемиреност, страв и безизлезност, таа извршила самоубиство, скокајќи од терасата на станот од шестиот кат заедно со малолетното дете. (П.А.)

ИЗДВОЕНИ