Речиси секој втор граѓанин во Македонија не може да си дозволи еднонеделен годишен одмор, покажуваат податоците на „Евростат“. Туристичките агенции велат дека сè почесто се користат рати и потрошувачки кредити за летување, додека од ССМ предупредуваат дека и одморот во домашните дестинации станува тешко достапен за голем дел од семејствата
Речиси секој втор граѓанин во Македонија не може да си дозволи еднонеделен годишен одмор, покажуваат најновите податоци на „Евростат“.
Според статистиката, 48 проценти од македонските граѓани немаат финансиски можности да заминат на седумдневен одмор, што ја вбројува земјата меѓу државите со највисок удел на население кое не може да си дозволи ваков трошок. Податоците уште еднаш потврдуваат дека високите трошоци за живот и ниската куповна моќ се главните причини поради кои одморот за многу семејства станува недостижен.
Од туристичките агенции велат дека и оние што сепак заминуваат на летување најчесто тоа го прават со претходно штедење или со користење потрошувачки кредити. Според нив, сè поголем број граѓани ги резервираат аранжманите на рати, бидејќи со редовните месечни приходи тешко можат одеднаш да го покријат целиот трошок за годишен одмор.
– Сè повеќе граѓани ги резервираат летните аранжмани со плаќање на рати или преку потрошувачки кредити. На располагање им се повеќе начини на плаќање, меѓу кои отплата на 6, 12 или до 24 рати со кредитни картички од домашните банки, бескаматни рати во рамки на промотивни понуди, резервација со аванс и доплата пред поаѓање, како и потрошувачки кредити за патување што банките ги нудат во соработка со туристичките агенции – велат од туристичка агенција од Скопје.
Слична е и оценката на Сојузот на синдикати на Македонија. Оттаму посочуваат дека четиричлено семејство со две просечни плати тешко може да си дозволи летен одмор надвор од најевтините домашни дестинации. Според нивните пресметки, такво семејство може да обезбеди средства за седумдневен престој во бунгалов во Дојран, додека летување во Охрид, а особено во Грција, за многумина претставува недостижен луксуз.
– Доколку двајцата во семејството земаат минимална плата, не можат ни месецот да го протуркаат, а не, пак, да отидат на одмор. Оние со една просечна и една минимална плата можат да си дозволат една недела во бунгалов во Дојран, додека Охрид и Грција остануваат за оние со подлабок џеб. Во Охрид веќе речиси и да нема сместување под 50 евра од ноќ, а за седум дена, заедно со храната и останатите трошоци, на едно четиричлено семејство му се потребни околу 1.000 евра. Тоа значи дека просечно семејство треба да издвојува околу 100 евра месечно во текот на целата година за да замине на одмор или, пак, да земе кредит што ќе го отплаќа во наредните месеци – изјави за весникот ВЕЧЕР Иван Пешевски од ССМ.
Економските аналитичари оценуваат дека можноста за годишен одмор претставува важен показател за животниот стандард. Кога речиси половина од населението не може да си дозволи ниту една седмица одмор, тоа, според нив, е показател за ограничена куповна моќ и сè поголем финансиски притисок врз семејните буџети. Постојаното зголемување на цените на храната, комуналните услуги и на останатите основни трошоци остава сè помалку простор за заштеда, па одморот станува една од првите ставки од кои семејствата се откажуваат.
Податоците на „Евростат“ покажуваат дека проблемот не е присутен само во Македонија. Во Европската Унија, околу 42 милиони вработени, односно 15 проценти од работоспособното население, не можат да си дозволат еднонеделен годишен одмор. Сепак, Македонија е значително над европскиот просек.
Најлоша е состојбата во Романија, каде што 61 процент од граѓаните не можат да си дозволат еднонеделен одмор. Следуваат Македонија со 48 проценти, Грција со 46,6 проценти, како и Унгарија и Бугарија со по 39,1 процент. Во Италија, повеќе од една третина од населението не можело да си дозволи одмор, додека во Португалија, Хрватска и Шпанија тој удел е околу една третина.
Најдобра е состојбата во Луксембург, Шведска и Холандија, каде што само 11, 12, односно 13 проценти од граѓаните не можеле да финансираат еднонеделен годишен одмор.
(А. С.)












