Ниту еден функционер или службеник кој учествувал во набавките на модуларните болници за време на ковид кризата не постапил надвор од законите и процедурите, заклучи надлежната обвинителка за случајот Верица Бержецка и донесе одлука за затворање на предистражната постапка.
Предметот беше оформен по допрен глас во 2021 година по катастрофалниот пожар во модуларната болница во Тетово каде загинаа 14 луѓе. Го работеа три обвинителки: поранешната шефица на обвинителството за организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, актуелната раководителка на гостиварското обвинителство, Елизабета Јосифовска и последната Бержецка која откако ги прочитала изјавите на сведоците и документите од постапките за јавна набавка не нашла направена штета на државниот буџет и неизвршување на службената должност.
-Немате дејствија на неизвршување од страна на службени лица ниту пак е исполнето другото законско битие на ова кривично дело( ч. 353 ЗКП) односно при постапките за јавни набавки да има оштетување на Буџетот на РМ , како што кажав многу мал дел биле буџетски средства, а другите си биле контролирание од страна на институциите кои ги обезбедуваат парите“, изјави обвинителката на брифинг со новинарите.
Бержецка ги анализирала постапките за јавни набавки на 17 модуларни болници во Гостивар, Струга, Прилеп, Велес и Штип, на монтажните контејнери во кругот на Клиниката за инфективни болести во Скопје, за тие кај Пулмологија како и градежните закони и прописи и извештајот на Светска Банка од чиј заем во висина од 90 милиони евра биле финасирани модуларните.
„Постапката била спроведена согласно правилата на меѓународната финансиска институција, Светска Банка, со барање понуди преку меѓународен пазар. Бирото за јавни набавки потврдило дека во ваков случај не се применуваат одредбите од Законот за јавните набавки, согласно законскиот исклучок за набавки спроведени според правила на меѓународна организација. Беше анализирана и регулативата од областа на градењето. Јавниот повик бил објавен на 13 октомври 2020 година, а договорот бил склучен на 30 ноември 2020 година. Во меѓувреме, со измените на Законот за градење објавени на 24 ноември 2020 година, модуларните градби наменети за вршење здравствена дејност биле опфатени во категоријата градби за кои не е потребно одобрение за градење. Од прибраната документација произлегува дека дел од јавните здравствени установи имале решенија од Министерството за здравство за поставување на модуларните градби, како и соодветна проектна документација„ стои во соопштението на ОЈОГООК во кое објаснува заошто се откажува од гонење.
-Самиот закон допушта да се заобиколуваат некои постапки со изговор дека е итно, затоа не гледаме конкретни дејства со кои би се правеле отстапки од процедурата, објасни Бержецка.
Обвинителството го прегледало и извештајот од Светска банка по пожарот во модуларната болница во Тетово во кој финасиската институција дури ја пофалила државата за модуларните болници, беше кажано на брифингот.
-Имало 4 типа на Ковид центри, првиот за прием и тријажа на пациенти со лабораторија и другите како стационари, првите со 13 а другите со 33 болнички кревети и последните со 45. Биле изготвени технички спецификации каде што се наведува конструкција , начин на изработка и инсталации и купувач бил МТСП на Македонија. Целата документација била по стандарди на Светска Банка. Учествувале и во назначување на трите комисии за евалуација на понудите. Имало пријавени и фирми од Турција и Кина, се избрала најповолната понуда. Се склучиле два договора едниот за модуларните болници а другиот за инвентар. Наведени се сите документи кои ги доставиле „Брако“ како носители на набавката. Сите модуларни болници имале здравствени сертификати, а иам документавција за присуство на сите надлежни при прием на болниците, објасни обвинителката.
Набавките станаа предмет на обвинителството за организиран криминал и корупција по пожарот на модуларната болница во Тетово кој настана краток спој односно преоптоварување на електричната инсталација во објектот. Огнот се раширил исклучително брзо поради материјалите од кои бил изграден монтажниот објект. За пожарот имаше друга постапка што се водеше во судот во тетово и одговараа двајцата директори на тетовската болница и истата како правно лице.Процесот го одбележаа пинг-понг ситуации, по пресуда, следуваше враќање на повторно судење, за да последно апелацискиот суд им ги зголеми казните од една на три години. (П.А.)












