На три од вкупно четирите автопатски делници, во рамки на коридорите 8 и 10-д што Владата, согласно стратешкиот договор им ги додели на „Бехтел и Енка“ да ги градат, се работи со одлична динамика, вели вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски. Според него, во моментов е отворен фронт за работа од 68 километри: Прилеп-Битола 29 километри, на Гостивар-Букојчани 14,7 километри и делницата Тетово-Гостивар од 17,5 километри, чија изградба и официјално стартуваше во саботата. Проектот за ова делница предвидува шест сообраќајни ленти, три во секој правец, односно две возни ленти и една за застанување и проектирана вредност на работите од 90 милиони евра.
Оваа делница ќе се гради веднаш до сегашниот автопат Тетово-Гостивар кој е со по две ленти во двете насоки и практично е експресен пат, а не автопат според стандардите.
– Ова десно од нас, ние сите го нарекувавме автопат во минатото, но не е автопат, туку експресен пат. За две и пол години ќе имаме автопат по сите прописи и сите стандарди какви што заслужуваат граѓаните од Полошкиот регион и од целата држава – истакна Николоски и потсети дека лани во јуни кога беше формирана оваа Влада, вкупно беа експроприрани 560 парцели на трите делници, а заклучно со април 2025 година има експроприрани 2.497 парцели.
Проектот вклучува и изградба на девет надвозници: осум за поврзување на локалните патишта со нова паралелна рута и еден за нова клучка за влез и излез од општините Боговиње и Врапчиште. Постојниот надвозник во близина на Тетово ќе се користи за реконструкција на излезната клучка од градот.
За разрешување на било каков проблем на трите делници, Николоски истакна дека од Министерството за транспорт и од ЈП за Државни патишта секоја недела одржуваат состаноци со тимот на „Бехтел и Енка“, но и договараат работи за во наредниот период. Тој истакна дека следниот состанок им е договорен за во вторник.
Според него, делницата Битола-Прилеп најпрва ќе биде завршена, втората делница од Гостивар до Букојчани иако е најтешка ќе биде втора, а Тетово – Гостивар иако изгледа најлесна за изведба бидејќи се гради во рамница, ќе се заврши на крај и таму внимателно ќе се напредува поради населението на двете страни од автопатот. Останува само четвртата делница Требениште-Ќафасан, којашто е блокирана од УНЕСКО.
На стартот на работите на делницата Тетово-Гостивар присуствуваа и премиерот Христијан Мицкоски и амбасадорката на САД, Анџела Агелер.
– Како земја којашто за жал не излегува на море, секогаш кога разговаравме во рамките на Владата ни беше предизвик да изнајдеме која е нашата стратешка предност во однос на сите оние земји во регионот и пошироко во Европа, и тогаш многу едноставно дојдовме сите заедно до еден заклучок, а тоа е дека како држава сме единствените можеби кои имаат потенцијал да бидат дел од паневропски коридори – рече премиерот Мицкоски.
Тој потенцираше дека во еден момент ќе се гради на повеќе од 1.200 локации.
– Кажете ми кога во историјата се случувало тоа во оваа нашата татковина? Како во ниту една земја во регионот, зимоска се пуштија три големи и конструктивни градежни проекти. Едниот којшто го поврзува центарот со истокот на земјата и е дел од Коридорот 8 којшто завршува до Крива Паланка, вториот што го поврзува центарот на државата – експресниот пат што ги поврзува Градско со Прилеп. И третиот, тоа е првата делница од пругата која треба да ја поврзе Македонија со нашиот источен сосед и којашто претставува историски, стратешки проект дел од Коридорот 8 – рече Мицкоски.
Договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на четирите автопатски делници беше потпишан со претходната власт на СДСМ и ДУИ, кои изгласа посебен закон со кој беше заобиколена постојната законска рамка за доделување на јавни набавки.
(С.Бл.)